Денеска, во просториите на „Титан УСЈЕ“ беше отворен „Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“, преку кој ќе се зајакнуваат вештините на учениците и, преку примена на нови методи и техники, ќе се мотивираат да ги изучуваат СТЕМ-науките: математика, технологија, инженерство и техника. – На младите да им понуди дополнителна можност за едукација, но и да даде нова вредност во формалното образование. Интересот за негово користење е веќе голем и искрено се надевам дека ќе овозможиме позитивен ефект во образованието – истакна Константиност Николаоу, главен извршен директор на „Титан УСЈЕ“. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека секое ново вложување на компаниите во образованието и во знаењата и вештините на младите дава повеќеслојни придобивки
Зајакнување на вештините на учениците, поголема едукација и спроведување на нови методи и техники во изучувањето на СТЕМ-науките: математика, технологија, инженерство и техника е главната цел на „Иноваториум – клуб на напредни знаења и вештини“, кој беше отворен денеска, во просториите на „Титан УСЈЕ“. Се работи за целосно опремен центар со компјутери и со најнови машини за 3Д-печатење, кои ќе можат да ги користат учениците од основите училишта.
„Иноваториумот“ нуди можности за изучување и стекнување нови вештини во повеќе технички области, па согласно со потребите, содржините ќе се надградуваат и ќе се менуваат. Едукацијата ќе ја изведуваат предавачи од Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје (ТМФ), кои, преку интерактивни содржини, ќе ги анимираат младите и нивниот интерес за нови знаења од техничките области.
– Едукацијата на младите не е само обврска на институциите туку и сите ние имаме одговорност и треба да дадеме придонес во тој процес. Поради тоа, започнавме со реализација на овој проект, чија цел е да им понуди на младите дополнителна можност за едукација, но и да даде нова вредност во формалното образование. Интересот за негово користење е веќе голем и искрено се надевам дека ќе овозможиме позитивен ефект во образованието. Ние ќе продолжиме да соработуваме со сите институции и партнери и да развиваме проекти што се во интерес на заедницата, бидејќи сметаме дека приватно-јавното партнерство е одличен модел за напредок – истакна Константиност Николаоу, главен извршен директор на „Титан УСЈЕ“.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, истакна дека иновативните иницијативи, особено оние што се насочени кон образованието, имаат најголем одраз врз заедницата.
– Секое ново вложување на компаниите во образованието и во знаењата и вештините на младите дава повеќеслојни придобивки: покажува дека бизнисмените се свесни за потребата да ѝ се оддолжат на средината во која работат и заработуваат; се создаваат подобро обучени кадри, кои во иднина поуспешно ќе се вклучат на пазарот на труд и се влијае на намалувањето на сиромаштијата – рече Јаневска.
На почетокот, „Иноваториумот“ ќе го посетуваат учениците од основите училишта во Општината Кисела Вода, а понатаму ќе бидат вклучени и учениците од другите општини. „Титан УСЈЕ“ обезбедува и бесплатен превоз за учениците.
– Ова не е само проект, ова е инвестиција во иднината. СТЕМ-едукацијата е повеќе од учење математика, инженерство или технологија – таа е начин на размислување. Тоа ги поттикнува децата критички да анализираат, да решаваат проблеми и да ја користат иновацијата како алатка за успех. Програмата, која се спроведува во две основни училишта, отсега ќе биде достапна и за сите ученици од основните училишта во Општината – истакна Сашо Јовановски, советник за образование во Општината Кисела Вода.
Наставниот кадар од Технолошко-металуршкиот факултет, преку адаптирани содржини, показни експерименти и новини, ќе ги доближи техничките науки до учениците. „Титан УСЈЕ“ и ТМФ, кон крајот на минатата година, потпишаа меморандум за соработка, со кој се дефинираат клучните приоритети.
– За нас, од исклучителна важност е соработката од ваков вид, бидејќи овозможува да се разбуди интересот кај младите за техничките науки, кои се клучни носители на новата дигитална револуција. Нашите стручни лица, кои ќе ја вршат едукацијата, креираа интерактивен модел, кој ќе им овозможи на учениците, низ практична работа, да се запознаат со принципите на овие науки и да ги усвојат новините што се актуелни. Содржината е соодветно приспособена на возраста, што е дополнителна придобивка и верувам дека ќе донесе одличен ефект – истакна проф. д-р. Стефан Кувенџиев, декан на ТМФ.
На настанот беа присутни и директорите на основите училишта од Општина Кисела Вода, кои ќе можат да ги користат капацитетите на „Иноваториумот“. Сите научни помагала ќе им бидат ставени на располагање на наставниците по математика, физика и по хемија од општинските училишта и за потребите на редовната настава.