Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, повикува Владата во најбрз можен рок да ја преточи иницијативата за малолетничкиот вандализам во закон. Според него, иницијативата не е насочена против децата, туку кон нивно подобро воспитување и насочување кон спортот и позитивните вредности.
– Очекувам иницијативата на Општина Центар за поригорозни мерки и за зголемена одговорност за малолетничкиот вандализам да добие зелено светло на владината седница. Следно е да се оформи работна група, составена од повеќе министерства, која ќе работи на нејзиното преточување во законски одредби. Со тоа, оваа иницијатива ќе стане функционална и применлива. Важно е сите заедно да ја негуваме јавната одговорност и да создадеме безбедна и уредна средина за нашите најмлади. Верувам дека оваа иницијатива ќе добие поддршка и наскоро ќе стане реалност – истакна Герасимовски.
Во врска со проверките што ги спроведуваат со колегите и со надлежните служби на терен, Герасимовски посочи дека целта е уште сега да се преземат мерки.
– Потребно е поголемо полициско присуство на одредени точки за во потоплите денови, кога зачестуваат ваквите појави, да го спречиме нивното повторување. Навременото дејствување е клучно за обезбедување безбедна и уредна средина за сите граѓани – истакна градоначалникот.
Герасимовски е дециден дека одговорноста мора да биде индивидуализирана, а мерките праведни и ефикасни.
– Не се виновни сите деца, но оние што намерно оштетуваат јавен имот, треба да сносат одговорност. Затоа предлагаме мерка според која сторителите, заедно со родителите, ќе мораат да ги поправат реквизитите што ги уништиле. Вака ќе поттикнеме поголема свест и почит кон јавниот простор – рече Герасимовски.