Реал (М) е клуб за кој сите сакаат да играат, барем во последните 30 години, кога фудбалот доживеа сериозна експанзија. Затоа што освен слава и пари, играњето за шпанскиот гигант носи и трофеи.
Сепак, не секој играч може да ја исполни таа желба. Има случаи кога има контакт, но на крајот сè не завршува како што се очекуваше. Еден од најдобрите светски напаѓачи најдобро го знае тоа.
На крајот од изминатиот век, тој играше брилијантен фудбал, а публиката на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ го запамети по неговата магија за која и по две децении се зборува. Во таа прилика му се допадна и на првиот човек на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез, но потоа следеше познатото „но“.
Станува збор за Ернан Креспо, славниот аргентински напаѓач кој имаше само еден проблем кога беше на врвот од кариерата, играше во исто време кога палеше и жареше Роналдо Назарио Да Лима, можеби најдобриот голгетер на сите времиња.
Кога Креспо гостуваше кај Реал (М) со Лацио во Лигата на шампионите во 2001 година, тој постигна навистина феноменален гол и веднаш го привлече вниманието на „кралскиот клуб“. Сепак, една година подоцна Перез реши да го донесе Роналдо.
Зборувајќи за играчките денови, Креспо раскажа како уживал во многу работи, но дека фудбалот секогаш му бил на прво место, за разлика од денешните играчи.
Аргентинецот раскажа како двапати му пропаднале трансферите во „кралскиот клуб“. Првиот пат поради Роналдо, а вториот затоа што го сакаа во Мадрид само шест месеци.
„Во сениорскиот тим дебитирав на 18 години, а сопругата ја запознав на 27. Никогаш не сум носел девојки кај моите родители. Бев слободен, славен, млад, имав пари. Сите привилегии што ги користев. Правев секакви работи, никогаш ништо не ми недостасуваше, секогаш имаше многу девојки во мојата куќа. Но, јас сепак се фокусирав на фудбалот, за разлика од денешните млади луѓе кои најмногу размислуваат за славата, парите и жените. Во мојата кариера играв во големи клубови, но најголемата можност можеше да биде Реал (М), до кој се доближив двапати. Првиот, кога играв за Лацио и Реал мораше да бира меѓу мене и Роналдо, а на крајот тие го избраа него и јас заминав во Интер. Вториот пат, во 2009 година, но ми понудија само шестмесечен договор, па јас ги одбив“, изјави Креспо.
Креспо пристигна во Европа во 1996 година како 21-годишен кога потпиша за Парма. Лацио потоа го купи за 56 милиони евра, потоа Интер за 40, а Челзи 26 мил. евра. Играше и за Милан и Џенова.
Креспо е во брак со сопругата Алесија Андра Роси од средината на 2005 година и заедно имаат три деца. По завршувањето на кариерата почна да се занимава со тренерска работа, а моментално е невработен.