Имате важечки договори до мај 2025, придржувајте се до нив!

75

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, денеска писмено им одговори на приватните автобуски превозници во врска со нивното  барање „да се најде решение со кое ќе се подобри состојбата во јавниот градски превоз“. Тој им одговори дека имаат важечки договори до мај 2025 година склучени со Град Скопје, во кои тие ги „прифатиле понудените услови, права и обврски, вклучително и тарифата за изминат километар“, на што, како што им сугерира дека треба да се придржуваат сè до истекот на важноста на договорите

 

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, денеска писмено им одговори на приватните автобуски превозници во врска со нивното  барање „да се најде решение со кое ќе се подобри состојбата во јавниот градски превоз“.

Тој им одговори дека имаат важечки договори до мај 2025 година склучени со Град Скопје, во кои тие ги „прифатиле понудените услови, права и обврски, вклучително и тарифата за изминат километар“, на што, како што им сугерира дека треба да се придржуваат сè до истекот на важноста на договорите за вршење дејност во областа на јавниот Градски превоз на територијата на град Скопје.

– Од сето претходно наведено може да се заклучи дека Совет на Град Скопје немал и нема надлежност околу условите и вашите преземени обврски со договорите склучени со Град Скопје. Не е надлежност на Совет на Град Скопје ниту следење на извршување на меѓусебно превземените обврски меѓу Градот и приватните превозници. За да расправа Совет на Град Скопје околу прашања од негова надлежност, а се поврзани со договорни обврски меѓу Градот и вас како приватни субјекти, треба да има предлог од градоначалник на Град Скопје – се вели во одговорот на Славески.

Тој уверува дека сите координатори на советничките групи застапени во Советот се запознати со состојбите и со нивните барања и се едногласни дека оној момент кога ќе добијат конкретен предлог од градоначалникот за промена на условите во договорите склучени меѓу Градот и приватните превозници, предлогот ќе го стават на разгледување на првата наредна седница на Совет на Град Скопје.