Оркестарот на Македонската филхармонија, со почеток во 12:00 часот, в четврток и петок ќе одржи два концерти за деца со наслов „Имате ли ритам?“, преку организирана училишна посета. Диригент е маестро Виктор Митревски, а аниматор и овој пат ќе биде миленикот на младата публика, актерот Мартин Јорданоски, кој ќе ги воведе децата во тајните на ритамот и неговата разновидност.

Посетителите ќе имаат можност да слушнат композиции од класичната, но и од модерната музичка литература, во кои е ставен акцент токму на ритмичкиот импулс – дела од Смокварски, Калифе, Андерсон, Бернштајн, Штраус, Де Фаља.

Концертот ќе ги донесе звуците и ритмите на Македонија, Либан, Куба, Шпанија… а Јорданоски, низ игра и хумор, ќе се обиде да ги анимира децата „свирејќи“ на разно-разни предмети, докажувајќи дека го има ритамот насекаде околу нас. Овој пат особено ќе се истакнат перкусионистите од оркестарот на Македонската филхармонија, кои ќе приредат едно изненадување, а на сцената ќе настапат и неколку талентирани деца.

Виктор Митревски (роден во Скопје, во 1987 год.) потекнува од музичка фамилија. По успешниот матурски концерт на кој во првиот дел свирел на виолина, а во вториот на пијано, во 2005 год. започнал со студиите по оркестарско диригирање на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во класата на Саша Николовски-Ѓумар. Во 2016, ги завршил студиите по хорско диригирање на престижниот Универзитет за музика и применета уметност во Виена, во класата на Ервин Ортнер. Дипломирал и оркестарско диригирање на тој Универзитет, во класата на проф. Симеон Пиронков и Урош Лајовиц, со концерт со Словачката филхармонија. Во 2019 е неговото деби со Македонската филхармонија, а една година подоцна диригирал и со „Скопски солисти“… Денес, Виктор Митревски работи во Театар ан дер Вин, со хорот „Арнолд Шенберг“.

 

 

ИЗДВОЕНИ