Со години патеката Терма де Рио Хондо во Мото ГП шампионатот е територија на Хонда, пред се благодарение на Марк Маркез. Сепак, последен возач, покрај него, кој и го донесе победничкиот трофеј на Хонда беше Кал Кратчлоу уште во 2018 година. Седум години подоцна, тимот е во сосема нова ера.
Жоан Мир и Лука Марини сега се лицата на Хонда и се обидуваат да го вратат тимот на самиот врв во Мото ГП шампионатот.
За Мир, трката во Аргентина претставува можност да го искористи потенцијалот што го покажа во Тајланд, каде што излета и заврши без бодови на главната трка.
Брзината што ја покажа на отворањето на сезоната му дава оптимизам, а тој е уверен дека Хонда ќе биде конкурентна овој викенд.
- Се радувам на оваа трка по она што го покажавме во Тајланд. Свесни сме колку можеме и важно е да ги освоиме нашите први бодови. Аргентина ќе биде поинаков викенд бидејќи не сме тестирале на оваа патека, но инаку имаме силна база и мислам дека можеме да бидеме конкурентни уште од самиот почеток. Имав добри резултати овде во минатото, па верувам дека имаме се што ни е потребно за солиден викенд и понатамошен напредок, започна Мир.
Откако беше откажана минатогодишната трка, овогодинешниот Мото ПГ викенд во Аргентина ќе биде првпат Лука Марини да вози на Терма де Рио Хондо како возач на Хонда. Сепак, мисли дека тоа нема да му биде проблем.
- Генерално имавме одличен викенд во Тајланд, па оптимист сум дека можеме да продолжиме во ист ритам во Аргентина. Мислам дека тоа нема да биде проблем за мене, бидејќи ова е мојот првпат овде со Хонда. Направивме многу работа во текот на зимата за да обезбедиме добар основен мотоцикл и знам дека можеме да започнеме добро, смета Марини.