Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го последниот извештај за движењето на платите објавен од Заводот за статистика, изјави дека очекува да продолжи економската консолидација.
– Имавме два супер успешни квартали, тоа беше четвртиот и третиот квартал од минатата година. По долго време забележавме раст од 3% и сме во првите пет најбрзорастечки економии во Европа. Очекувам тој тренд да продолжи и во овој прв квартал од оваа година. Самите вие кажавте дека продолжува да расте просечната плата и покрај тоа што многумина политички глодари од позиција на опозиција ја напаѓаа Владата дека била против растот на платите. Еве гледате дека растат – истакна премиерот Мицкоски.
Тој информираше дека сега од 1 април ќе пораснат и пензиите, нови 2.500 денари линеарно зголемување ќе добијат пензионерите со мартовската пензија.
– Тоа што го ветивме првата година ќе го реализираме за девет месеци. И во суштина за овие девет месеци направивме многу убави работи што дел ги ветивме, дел ги реализиравме, а не ги ветивме. Така што, во делот на економското консолидирање на државата, мојата порака до граѓаните е да бидат спокојни, убави времиња доаѓаат за Македонија и за македонската економија – истакна Мицкоски.