Со пари од централниот буџет, но и од надоместоци, како и од меѓународни донатори и инвеститори, се финансираат приоритетните проекти како изградба на водоводни и на канализациски системи, се инвестира во решавање на проблемите со аерозагадувањето и во други еколошки проекти
Во предлог-буџетот за 2025 година, кој е во собраниска расправа, се планирани рекордно најмногу пари за животната средина (103,4 милиони евра), што е 1,36 % од вкупно планираните буџетски средства. Најголем дел од средствата одат за комунална инфраструктура, изградба на водоводни и на фекални канализации, нешто што општините треба да го реализираат. Во минатото, овие изградби помогнати од централниот буџет беа дел од Министерството за транспорт, а сега се бројат како заштита на животната средина.
Од „02 Иницијатива“ посочија дека 90 проценти од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање, што е 77,8 милиони евра, се наменети за капитални расходи, што го потврдуваат од МЖСПП и велат дека буџетот се крои согласно со приоритетите.
– Обезбедувањето чиста вода за секој граѓанин на оваа држава, како и воспоставувањето системи за одведување и пречистување на отпадните води, го сметаме за еден од врвните приоритети. Ваквите инфраструктурни проекти бараат мултисекторски пристап и имплементација преку повеќе ресорни министерства и институции, бидејќи е незамисливо во 21 век сè уште да имаме населени места што немаат основна инфраструктура. Меѓу нив е и Министерството за животна средина и просторно планирање, а со обезбедувањето на овие основни потреби на граѓаните директно се влијае на заштитата на животната средина и на здравјето на граѓаните – појаснуваат од МЖСПП.
На наводите на „02 Иницијатива“ дека во предлог-буџетот за наредната година нема планирано пари за решавање на проблемот со аерозагадувањето, од ресорното Министерство велат дека системски и долгорочно се работи на подобрување на квалитетот на воздухот.
– Во пресрет на грејната сезона, вложивме интензивни напори во креирањето соодветни и применливи краткорочни мерки за намалување на загадувањето на воздухот во текот на целата сезона, како период од годината кога редовно се соочуваме со зголемени концентрации на загадувачки супстанции. На предлог од МЖСПП, Владата усвои Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции. Направивме виден напредок со изготвувањето наредба за воведување мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции при надминување на прагот на информирање, со што претходните мерки и препораки се подигнаа на повисок степен и се задолжителни. Исто така, во подготовка е протокол за информирање при надминување на прагот на алармирање, во кој јасно се дефинирани обврските на вклучените институции за постапување и известување – потенцираат од ресорното Министерство.
Исто така, МЖСПП континуирано го одржува Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитетот на воздухот, кој опфаќа 21 мониторинг-станица и една подвижна, распределени на територијата на целата држава.
– Во текот на 2024 година, беше спроведена постапка за набавка на резервни делови во висина од 3.594.280,00 денари, за потребите на Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитетот на воздухот, со што ќе се овозможи сервисирање на дел од нефункционалните мерни инструменти. Сервисирањето и калибрацијата на инструментите, како комплексен процес за кој е потребно подолго време, се спроведуваат континуирано. Дополнително, во буџетот за 2025 година се предвидени средства за набавка на нова мониторинг-станица, која ќе биде поставена во Штип, со што ќе се финализира процесот на проширување на Државниот мониторинг-систем – велат од МЖСПП.
Оттаму нагласуваат дека парите што се собираат за решавање на проблемите од животната средина, освен од централниот буџет, доаѓаат и од надоместоците за користење моторни возила и пловни објекти, за полагање испити за управители со отпад, полагање испити за оцена на влијанието врз животната средина и стратешка оцена на влијанието врз животната средина, надоместоците за биоразградливи кеси и поднесувањето барања за А или за Б интегрирана еколошка дозвола, за измени или пренос на истите, како и за редовен надзор на инсталациите. Но, Министерството добива дополнителни средства и од меѓународни донатори и инвеститори.
– Сите собрани средства по овој основ се враќаат во животната средина и се распределуваат континуирано на годишно ниво, преку соодветни програми, и тоа: Програма за инвестирање во животната средина; Програма за водите; Програма за фосилните горива; Годишна програма за финансирање на управувањето со посебните текови на отпад. Овие програми се основа за континуирано и одговорно вложување во заштитата на животната средина. Со јасно дефинирани намени за распределба на средствата, ние обезбедуваме не само финансиски ресурси туку и конкретни дејства за постигнување одржлив развој, систематски напредок кон обезбедување чиста и здрава животна средина во интерес на сите граѓани – потенцираат од МЖСПП.
Во тек е спроведувањето на проектот „ЕУ за чист воздух“, во кој Европската делегација во нашата држава вложува 10 милиони евра за четири града во државата што во изминатиов период забележаа најголеми скокови на концентрацијата на загадување на воздухот: Скопје, Куманово, Тетово и Битола. Со проектот ќе се дејствува за намалување на загадувањето од системите за греење со замена на старите неефикасни котли во 70 јавни установи, ќе се донираат шест еколошки автобуси на Град Скопје, ќе се насадат 6.000 дрвца, ќе поддржи создавањето предуслови за проширување на централното греење во Скопје со изработка на студија и со набавка на инструменти за анализа на тешките метали во концентрациите на ПМ-честичките за Централната лабораторија.
Исто така, во тек е и проект, во соработка со УНДП, во кој се вложени 2,5 милиони американски долари за изработка на студии за „пропорционирање“ на изворите на загадување во споменатите општини и ажурирање на локалните планови за справување со аерозагадувањето во пет општини: Струмица, Куманово, Кавадарци, Гостивар и Струга.
(С.Бл.)