Американскиот кошаркар Мајк Џејмс стана најдобриот стрелец во историјата на Евролигата. Плејмејкерот на Монако го престигна легендарниот Грк Василис Спанулис, постигнувајќи 4457 поени во кариерата во Евролигата. Џејмс го собори рекордот на натпреварот против Црвена Звезда, кој Монако го доби со 98:80, а Американецот натпреварот го заврши со 20 поени.

Ова е негова десетта сезона во елитното европско натпреварување, а постигна кош за бројни клубови – Басконија, Панатинаикос, Армани Милано, ЦСКА Москва и Монако. Џејмс има 33 години и може да се очекува дополнително да го зголеми својот рекорд во наредните години.