Вие сте основач на првата Извозна академија во државата. Кажете ни како дојдовте до идеја да основатe ваква Академија, од кога постои и кои се нејзините активности?
„Матрона Конс е активна од 2016 година на полето за стратешки развој на бизниси, процеси, производи и услуги, како и промоција на извоз на компании на меѓународните пазари. Низ долгогодишната работа, како и понатаму со истражувањето за мојот докторат дојдов до заклучок дека малите и средни претпријатија во нашата земја имаат потреба од дополнителна едукација и поддршка за да го започнат или зголемат својот извоз. Ова беше главниот поттик за основањето на Export Academy by Matrona Cons во 2021 година. Оваа идеја произлезе заеднички со голем број наши и меѓународни експерти кои имаат долгогодишно искуство во интернационализацијата на компании и комерцијализација на производи и услуги на странски пазари. Export Academy е центар за бизнис интернационализација, создаден за да им помогне на компаниите и поединците да ги подобрат своите извозни перформанси. Преку обуки, вебинари и настани, организирани од експерти со долгогодишно искуство и најнови научни достигнувања, Академијата нуди поддршка за сите аспекти на интернационализацијата. Малите и средни претпријатија се клучен двигател на економскиот развој – тие учествуваат во креирањето на нови работни места, во зголемувањето на БДП и извозот. Во ЕУ 99 отсто од компаниите се мали и средни претпријатија. Глобализацијата создава потреба за извоз и настап на меѓународни пазари, што бара стратегија, подготвеност и вложување.
На кој начин им помагате на компаниите да го зголемат извозот, преку едукација, техничка помош, логистика…?
Нашата мисија е да ги поддржиме компаниите во процесот на интернационализација преку едукација и консултации. Помагаме да се намали ризикот и да се олесни пробивот на нови пазари, без потреба од големи вложувања или загрозување на постојниот бизнис. Заедно создаваме можности за успех на глобалната сцена. Со цел за уште поефикасно да ги поддржиме компаниите и поединците ја креиравме првата акредитирана програма од Министерството за образование „Комерцијалист за меѓународна продажба“ креирана за да ги подготви поединците и компаниите за предизвиците на меѓународната трговија. Програмата претставува уникатна можност за стекнување знаења и вештини неопходни за успех на глобалните пазари со вкупно 158 часа, од кои 58 часа теоретска настава + 100 часа практична работа. Програмата нуди поврзаност на теоријата и праксата, теоретските модели се пренесуваат преку практични примери од докажани експерти. Мултидисциплинарниот пристап, ги опфаќа сите клучни области – комерција, финансии, маркетинг, логистика, право, технички аспекти, интерактивно учење…. Сeкој учесник активно учествува преку дискусии, прашања и анализа на студии на случај и индивидуален пристап, како и самата програма се прилагодува на специфичните потреби и претходно знаење на учесниците. По успешно завршување, учесниците добиваат акредитиран сертификат од Министерството за образование, кој што е и меѓународно признат.
Кажете како да се зголеми извозот на државата. Недостига ли државна стратегија или пак компаниите не се доволно подготвени да излезат на странските пазари?
Важно е сите релевантни чинители, државата, стопанските комори, образовните институции и компаниите да работат заедно. Само преку оваа синергија може да се зголеми извозниот потенцијал, да се намалат ризиците за компаниите и да се создаде економски раст што ќе ги задоволи потребите на локалната економија и глобалниот пазар. Зголемувањето на извозот на државата бара комбиниран пристап, добро осмислена државна стратегија и подготвеност на компаниите за настап на странските пазари преку обуки и едукација за извозни стратегии, управување со ризици и усогласување со стандардите на меѓународните пазари. Исто така, потребно е развој на капацитети за приспособување на производите кон потребите на странските потрошувачи како и поттикнување партнерства со странски компании за полесен пристап до нови пазари. Од една страна, во нашата држава има успешни приказни на компании кои веќе извезуваат, но постојат и бројни бизниси со одлични производи и услуги за кои патот до извозот е потежок. Главните предизвици вклучуваат недостаток на финансии, човечки ресурси, пристап до саеми и инвестирање во подготовката за извоз. Дополнително, недоволната информираност и едуцираност за тоа како да се пристапи на странски пазари значително го ограничуваат извозниот потенцијал. За надминување на овие предизвици, од клучно значење е државна посветеност преку создавање долгорочни активности насочени кон секторите со најголем извозен потенцијал, поголема финансиска и институционална поддршка за компании преку субвенции, организирање саеми, промотивни активности и деловни мисии, овозможување лесен пристап до информации за регулативите, стандардите и барањата на странските пазари. Иако државата треба да постави рамка, сепак успехот најмногу зависи од спремноста на компаниите да преземат проактивен пристап. Најголема улога игра претприемничкиот дух на сопствениците на помали компании, како и глобалната стратегија и политика кај поголемите компании. Истовремено, глобализацијата и зголемената конкуренција ги прават интернационализацијата и извозот неопходни за обезбедување конкурентност.
Дали на компаниите им е потребна поголема државна помош за да го зголемат извозот?
Да, на компаниите во нашата држава им е потребна поголема државна помош за да го зголемат извозот. Иако многу компании имаат квалитетни производи и потенцијал за извоз, тие често се соочуваат со ограничувања како недоволни финансиски средства, недостаток на човечки ресурси и недоволна информираност за регулативите и пазарните барања во странство. За да се зголеми извозот, државата треба да обезбеди финансиска и административна поддршка за малите и средни претпријатија, како и да поттикнува иновации, трансфер кон зелени технологии и развој на производи и услуги со додадена вредност. Циркуларната економија исто така е важна да се применува, бидејќи странските пазари високо ги оценуваат иновативните и зелени компании, како и компаниите посветени на заштита на животната средина. Потребно е јакнење на партнерствата со странски компании, промоција на одржливи и еколошки производи и олеснување на пристапот до меѓународните пазари. Компаниите треба да добијат едукација за глобалните трендови и технологии, како и помош за надминување на административните и логистичките бариери, со што ќе се зголеми нивната конкурентност. Нашата геостратешка локација овозможува брз пристап до клучни дестинации, така што со подобрување на инфраструктурата (автопати, железници, аеродроми), државата може да допринесе за поефикасна, побрза и поевтина логистика, што ќе им помогне на извозниците да ги намалат транспортните трошоци.
Знаеме дека во извозот повеќе доминираат суровини и полупроизводи. Што треба да направиме за да се зголеми извозот на производи со поголема додадена вредност?
За да се зголеми извозот на готови производи, потребно е да се инвестира во поддршка на микро, мали и средни претпријатија за оформување на нивни брендови. Важно е да се овозможат обуки и консултации, преку кои компаниите ќе научат како да стигнат до финален производ. Тие треба да знаат како да создадат успешна маркетинг приказна поддржана со креативен веб-сајт, примамлива брошура, квалитетна амбалажа, имплементирани стандарди за квалитет, како и присуство на социјалните мрежи. Исто така, треба да се поттикнува адаптирање на производите за различни пазари.
Постојано се зборува дека потребна е диверзификација на извозот, бидејќи најголем дел од македонскиот извоз отпаѓа на метали и текстил. Дали државата може да го промени тоа?
Државата секако може да го промени тоа со поддршка на сектори кои имаат голем потенцијал за извоз, но не се поддржани со никакви даночни ослободувања или субвенции кои би можеле да им го олеснат работењето. На пример, услужниот сектор не е доволно поддржан со извозно ориентирани активности, а развојот на таквите компании и поединци може да донесе значаен странски капитал. Пример за тоа се медицинскиот туризам и ИТ секторот, кои се особено квалитетно развиени кај нас, и може да се поддржат со специјални законски регулативи. Таквите регулативи не мора финансиски да ја оптоваруваат државата, но би значеле многу за поттикнување на нивниот развој.
(А.С.)