Возачот на Мекларен, Ландо Норис, влегува во сезоната 2025 како еден од главните фаворити за освојување на шампионската титула во Формула 1. Тој, минатата година ја освои титулата кај конструкторите, а сега има императив да ја одбрани титулата во оваа конкуренција, но и кај возачите.

Од друга страна, откако ја пропушти титулата минатата година, Ландо Норис не ги крие своите амбиции да ја освои својата прва титула кај возачите во 2025 година.

Британецот на некои трки докажа дека неговиот потенцијал е при самиот врв, а во последната третина од минатата сезона го стекна потребното искуство за да се бори за шампионот Макс Верстапен.

  • По минатата година, мислам дека немаме повеќе изговори. Во претходните сезони имавме вистински причини зошто не бевме доволно конкурентни, но сега немаме што да криеме зад себе. Докажавме дека го имаме она што е потребно за да се натпреваруваме на врвот. Ако не сме конкурентни од почетокот на сезоната, тоа значи дека едноставно не сме завршиле доволно добра работа, порача Норис на настанот „Ф1 75“ во Лондон.

Мекларен минатата недела го претстави новиот болид MCL39, а очекувањата се огромни. Норис е свесен дека тимот мора да биде во врвна форма уште од првата трка.

  • Сезоната веќе започна за нас. Сите во фабриката работат напорно за да имаме болид способен за борба. Многу работи во Формула 1 зависат од квалитетот на болидот, но сега знаеме дека можеме да изградиме победничка машина, додаде Норис.

Претходната сезона беше пресвртница за Мекларен. Британскиот тим ја освои титулата кај конструкторите за првпат по 1998 година и не планираат да застанат тука.

Ландо Норис и Оскар Пјастри покажаа дека се способни да се борат за победи и подиуми, а сега имаат можност уште повеќе да ја подигнат рампата.

  • Мислам дека Оскар и јас минатата година докажавме колку сме способни кога имаме конкурентен болид. Подготвени сме за предизвикот, а целиот тим го дели истото чувство. Тие знаат дека можат да изградат брз болид и сите се возбудени за сезоната, смета Норис.

ИЗДВОЕНИ