Има ли секоја зграда хидрантска мрежа и противпожарни апарати? 

855

Општина Карпош прва најави акција на Инспекторатот во рамките на која ќе биде проверено: дали во зградите постојат хидрантски мрежи – хидранти, доколку постои, дали таа е исправна, дали поседуваат хидрантски црева, дали поседуваат противпожарни апарати и да се провери нивната исправност, дали во зградата има сопственици на посебни делови – станови и деловни објекти, кои поседуваат противпожарни апарати и колку се на број и дали и колку станари знаат да ракуваат со противпожарни апарати. Инспекторите, пак, од Општина Кисела Вода деновиве имaат засилени контроли за исправноста на противпожарниот систем на зградите на нивната територија во координација со инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување. Граѓаните, пак, сметаат дека надлежните доцна се сетиле да ги спроведуваат активностите за кои се надлежни, наместо тоа да го прават редовно, а не само откако ќе се случи трагедија како што беше пожарот во Кочани кој однесе човечки животи, а некои од нив решија работите да ги преземат во свои раце

 

Требаше да се случи трагедија за општините да се разбудат и да ги започнат контролите за тоа колку станарите се безбедни во своите домови, а зградите опремени со хидранти, хидрантски мрежи – хидранти, хидрантски црева, противпожарни апарати и знаат ли тие всушност да ракуваат со нив.

Општина Карпош прва ја најави акцијата на Инспекторатот во рамките на која ќе биде проверено: дали во зградите постојат хидрантски мрежи – хидранти, доколку постои, дали таа е исправна, дали поседуваат хидрантски црева, дали поседуваат противпожарни апарати и да се провери нивната исправност, дали во зградата има сопственици на посебни делови – станови и деловни објекти, кои поседуваат противпожарни апарати и колку се на број и дали и колку станари знаат да ракуваат со противпожарни апарати.

Од Општина Карпош велат дека на тој начин ќе бидат обновени податоците кои ги поседуваат.

-Општина Карпош, преку Сектор Инспекторат – Општински инспектор за домување, во соработка со Одделението за заштита и спасување, во текот на 2022 година има испратено барање да им се достават вакви податоци до речиси сите колективни станбени згради – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму ги задолжуваат сите Заедници на сопственици на територија на општина Карпош, во рок од 7 дена од денот на оваа објава да го известат Општинскиот инспектор за домување, писмено преку архива, со одговор на погоре поставените прашања. Исто така, се задолжува секој станар или претседател на Заедница на сопственици кој ќе воочи дека излезот од внатрешна страна до противпожарните скали е блокиран со каква била препрека или мебел, или пак е узурпиран со врата или градба, да го пријави тоа до Општинскиот инспектор за домување, за да се пристапи кон расчистување на излезните врати кон противпожарните скали. Истото се однесува и на надворешно блокирање на противпожарните скали.

-За зградите кои имаат Управител, до секој управител ќе биде испратен мејл со бараните податоци и ќе биде задолжен со рок да достави податоци за сите колективни станбени згради кои ги управува. За проверката на деловните објекти, ќе се спроведе посебна акција од повеќе инспектори – најавуваат од Општина Карпош.

И инспекторите во Општина Кисела Вода се дигнаа на нозе и велат дека деновиве имaат засилени контроли за исправноста на противпожарниот систем на зградите на нивната територија. Тоа го прават заедно со инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување за која велат дека е надлежна за поставувањето хидранти, хидрантски црева, противпожарни апарати, чиј број зависи од квадратурата на објектот, но и за планот за евакуација. Велат дека и претходно вршеле контроли, но дека тие сега се зголемени.

-Кај новоизградените згради во самиот проект се предвидува противпожарниот систем, без што не е можно да се добие дозвола за градба – тврдат од Секторот за инспекциски работи во Општина Кисела Вода.

Додаваат дека од направените контроли може да се заклучи дека во 80% хидрантската мрежа и хидрантите во зградите се функционални.

Граѓаните, пак, сметаат дека надлежните доцна се сетиле да ги спроведуваат активностите за кои се надлежни, наместо тоа да го прават редовно, а не само откако ќе се случи трагедија како што беше пожарот во Кочани.

-По трагедијата се сетивте ова да го спроведете, каде бевте до сега!? – прашуваат граѓани и додаваат: „Ниту ви е гајле ниту ќе ви биде. Моментална задача која само е на хартија, а не на дело ќе треба да ја завршите по наредба“.

Некои од граѓаните исплашени и ним да не им се повтори она што се случи во Кочани преку приватни компании за инсталирање на пумпи, подстаници, хидрофори итн. ги преземаа работите во свои раце.

Реагираат дека во постарите згради се извадени хидрантските црева уште пред 40 години, а велат дека вентилите никогаш не се проверени.

-Државата така функционира од 1945 година, ќе се изгради и направи нешто, ама ако може „само да се одржува и поправа“ – коментираат скопјани и додаваат дека Законот за домување кој е одамна донесен воопшто не се имплементира.

Од Противпожарниот сојуз на Град Скопје во изминатите 16-17 години откако се реализира проект со поддршка на десетина општински противпожарни сојузи, биле посетени над три илјади влезови во станбени згради во Скопје при што констатирале низа неправилности.

-Во текот на една година секој од овие десет сојузи има обврска да посети 30 станбени влезови. Посебни екипи контактираат со куќните совети да добијат дозвола за контролирање на влезот, пристапот за противпожарно возило, дали има надворешна хидрантска мрежа, како и внатрешни хидранти со потребната опрема. Се контролираат и скалите дали се слободни, но и коридорите за евакуација дали се проодни на најгорниот кат. Констатиравме дека кај 95 проценти од станбените влезови има некоја неправилност која може скапо да ги чини станарите при, ако не дај Боже има пожар. На куќните совети им укажуваме да ги отстранат недостатоците, им делиме и флаери со едукативни пораки, но гледам дека не се заинтересирани. Ќе се свестат ако нешто се случи – вели Петар Плотников, претседател на Противпожарниот сојуз на Град Скопје за весникот ВЕЧЕР.

Освен станбени објекти, од Противпожарниот сојуз посетуваат и помали дуќани и проверуваат дали ги почитуваат противпожарните прописи, но понекогаш влегуваат и во дискотеки.

Да, понекогаш влегуваме и во дискотеки, но не избегнуваат и не можеме да направиме контрола. Што се однесува конкретно за дискотеката во Кочани, таа е обврска на Дирекцијата за заштита од пожари и на локалниот инспекторат на општина Кочани – вели Плотников.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ