Годинава се украдени 2,2 милијарди долари, додека лани хакерите однесоа 1,8 милијарди долари.- Со бум на пазарот на дигитални средства, незаконската употреба на криптовалути расте паралелно. Справувањето со ширењето на измамата, несомнено ќе биде клучен предизвик за индустријата во новата година, вели Ерик Џардин, раководител на единицата за криптокриминација на „Chainalysis“.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека наскоро би можело користењето на криптовалутите во Македонија да стане легално, односно да го стави во законски рамки. Ел Салвадор иако имаше голема крипто визија откако од септември 2021 година биткоинот го воведе за легално платежно средство, сега нема некое позитивно искуство врз економијата и бара пари од ММФ. Претседателот на американската централна банка, Џером Пауел, кој рече дека Федералните резерви немаат желба да учествуваат во напорите на владата да акумулира големи количини на биткоин. -Не ни е дозволено да поседуваме биткоини, изјави тој
За 21 процент годинава се зголемија средствата украдени од хакери од крипто платформи. Извештајот на фирмата за анализа на блокчејн „Chainalysis“, цитиран од Ројтерс, покажува дека годинава се украдени 2,2 милијарди долари, додека лани хакерите украдоа 1,8 милијарди долари.
Меѓу најнезаборавните хакерски напади е кражбата на над 305 милиони долари од јапонската крипто берза „DMM Bitcoin“ во мај и онаа од 235 милиони долари од индискиот „ WazirX “ во јули.
– Справувањето со ширењето на измамата, несомнено ќе биде клучен предизвик за индустријата во новата година. Со бум на пазарот на дигитални средства, незаконската употреба на криптовалути расте паралелно – рече Ерик Џардин, раководител на единицата за криптокриминација на „Chainalysis“.
На крајот на 2024 година, вредноста на биткоинот достигна 100.000 долари што е пораст од 140 насто од почетокот на годинава.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека наскоро би можело користењето на криптовалутите во Македонија да стане легално, односно да го стави во законски рамки.
– Сакаме сето тоа легално да го канализираме во рамки на законот, но има премногу работи што треба претходно да се усогласат и тоа и го правиме, ги усогласуваме тие работи за да дојдеме до финалниот производ. Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме меѓу првите во регионот, ако не и први, такво нешто да направиме. Како ќе функционира, ќе видиме, но тоа по мене тоа е иднината – неодамна изјави Мицкоски.
Ел Салвадор, средноамериканската држава, иако имаше голема крипто визија откако од септември 2021 година биткоинот го воведе за легално платежно средство, сега нема некое позитивно искуство врз економијата. Тамошниот Закон за биткоин им дозволува на граѓаните и на бизнисите да ја користат криптовалутата за плаќања и даночни цели, наложувајќи нејзино прифаќање на национално ниво. Земјата, исто така, почна да акумулира биткоин во државните резерви.
Но, според „Фајненшл тајмс“, амбициозната криптовизија на претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, наскоро би можела да се промени. Сега земјата преговара со Меѓународниот монетарен фонд за заем од 1,3 милијарди долари, со услов да се направат промени во Законот за биткоин во насока владата да го отстрани законскиот мандат што ги принудува бизнисите да го прифатат биткоинот како начин на плаќање. Наместо тоа, неговата употреба би станала доброволна, ефективно намалувајќи ја улогата на криптовалутата како законско средство за плаќање во земјата.
Весникот наведува дека ММФ во 2022 година предупреди за значителни ризици од користењето на биткоинот како законско средство за плаќање. Идентификуваните ризици, според ММФ, вклучуваат закани за финансиската стабилност, бидејќи банките и другите институции би можеле да бидат изложени на нестабилноста на цената на биткоинот, како и од ризици за финансискиот интегритет затоа што криптосредствата може да ги олеснат финансирањето тероризам, даночното затајување и перењето пари, како и ризиците од кражби и сајбер-напади.
Во оваа земја, само 20 отсто од компаниите го прифаќаат биткоинот како начин на плаќање, а оние што го прифаќаат се претежно големи претпријатија. Повеќето од овие бизниси веднаш ги претвораат приходите од биткоин во долари. Нестабилноста на средството, заедно со загриженоста за приватноста, го одврати поширокото прифаќање на платформата и го ограничи нејзиното економско влијание.
Сантијаго Карбо, професор по економија на Универзитетот во Валенсија, во Шпанија, верува дека овој развој може да постави преседан, што ќе ги наведе другите земји кои беа охрабрени од подемот на биткоинот да ги преиспитаат своите планови за усвојување на криптовалутата – особено ако треба да се свртат кон институции како ММФ за финансиска помош.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека треба да создаде национална стратешка резерва за биткоинот. Трамп предложи да се создаде резерва за биткоин, но не даде детали за тоа што ќе повлече таков проект. Засега е познато дека проектот предвидува првично да може да бидат конфискуваните биткоини од државата, а се околу 200.000 и вредат околу 21 милијарда долари по сегашни цени.
Но, со Трамп не се согласува претседателот на американската централна банка, Џером Пауел кој рече дека Федералните резерви немаат желба да учествуваат во напорите на владата да акумулира големи количини на биткоин.
– Не ни е дозволено да поседуваме биткоини. Правните прашања околу сопственоста на биткоин се „нешто што Конгресот треба да го разгледа, но ние во ФЕД не сакаме да го промениме законот – рече Пауел и неговите коментари влијаеја на цената на биткоинот, која падна под границата од 100.000 долари.
Трамп планира да го назначи поранешниот извршен директор на „ПејПал“, Дејвид Сакс, на новосоздадената позиција на советник за вештачка интелигенција и криптовалути во Белата куќа, а крипто-пријателскиот Пол Аткинс ќе ја предводи Комисијата за хартии од вредност и размена.
(С.Бл.)