Британскиот милијардер, 72-годишниот Сер Џим Ретклиф, единствениот најголем акционер во Манчестер Јунајтед, најави голем број на отпуштања во клубот од „Олд Трафорд“, а тоа го прави за да присобере пари за нови засилувања, објавија британските медиуми. Неговиот план предвидува отпуштање меѓу 100 и 200 вработени во Јунајтед каде работат 1112 лица.
Парите кои ќе се заштедат со намалување на бројот на вработени ќе бидат потрошени за засилување со играчите, бидејќи амбициозниот Ретклиф сака клубот да се врати на врвот на англискиот и европскиот фудбал. Сер Џим Ретклиф е основач и извршен директор на мултинационалната хемиска компанија INEOS. Тој беше најбогат Британец до 2023 година, а неговото богатство беше проценето на 29,68 милијарди фунти (35,57 милијарди евра).
На листата на најбогати го престигна Британецот со индиско потекло Гопи Хиндуџа, чие богатство се проценува на 35 милијарди фунти (41,95 милијарди евра).
Во декември 2023 година, Ретклиф купи 25 отсто од акциите на Манчестер Јунајтед, па тој и неговата ќерка компанија Инеос спорт станаа најголемиот поединечен акционер на Јунајтед со вкупно 28,94 отсто. Мнозински сопственик на клубот и понатаму е американското семејство Глејзер, кое го поседува и НФЛ тимот Тампа Беј Баканирс.
Со зголемување на својот удел во сопственичката структура на клубот, Ретклиф стана прв човек на фудбалските операции во Манчестер Јунајтед, што значи дека тој одлучува за се кога е во прашање спортскиот дел од активностите на клубот, за назначувањето на тренери, трансферите на играчи и многу други прашања.
Во последните 13 месеци, Ретклиф вложил 240 милиони евра сопствени пари во клубот. Но, и покрај големите приходи од продажба на влезници, клупски сувенири и ТВ права за пренос на натпреварите, Манчестер Јунајтед во последните три години акумулираше загуба од 360 милиони евра.