Првата самостојна изложба на илустраторот Ордан Манески (1936-2021), може да се види во Сули-ан до 30 април, а поставена е во рамките на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Изложбата претставува ретко и вредно сведоштво за еден уметнички свет обликуван со прецизност, поетика и длабока чувствителност кон детската перцепција

Генерациите родени во 80-тите години и 90-тите години на минатиот век, секако се сеќаваат на цртежите од насловните страници на книгите и сликовниците илустрирани од Ордан Манески, бидејќи израснаа со нив. Токму тие цртежи и илустрации, повеќето во оригинали, ќе ве дочекаат во Сули-ан на ретроспективната изложба посветена на еден од доајените на македонската илустративна уметност Ордан Манески. На изложбата, која посетителите ќе можат да ја видат до 30 април, е поставено богатото и зачувано творештво на Манески и за првпат, самостојно со засебна поставка, изложено пред македонската јавност. Притоа можат да се погледнат препознатливите илустрации од голем број учебници, сликовници и книги за деца кои беа лектири како „Грдото пајче“ од Х.К. Андерсен, „Првите цутови“ од Борис Бојаџиски, „Сказни“ од Браќата Грим, „Оливер Твист“ од Чарлс Дикенс и многу други.

За изложбата, поставена во рамките на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, деновиве во Сули-ан беше организирана прошетка низ која посетителите ги прошета Софија Семенпеева, креатор и организатор на фестивалот. Изложбата претставува ретко и вредно сведоштво за еден уметнички свет обликуван со прецизност, поетика и длабока чувствителност кон детската перцепција.

Манески, илустратор, академски сликар, графички дизајнер, е роден во Прилеп, средното училиште за применета уметност го завршил во Скопје, а студирал во Љубљана. По студиите започнал да работи како графички дизајнер, а од 1968 работел како професор по графички дизајн во Средното училиште за применета уметност во Скопје. Неговите дела се изложувани на бројни групни изложби, како во земјата, така и на меѓународната сцена. Со делата на Манески сме запознаени уште од училишните клупи, преку неговите илустрации за учебниците Запознавање на природата и општеството, Поуки за јазикот, Историја, Историска читанка, учебник по англиски јазик и учебници за основно образование на албански и турски јазик, потоа преку сликовниците и книгите за деца за кои има соработувано со познати издавачки куќи како „Детска радост“, „Култура“, „Македонска книга“, „Просветно дело“.

„Орде Манески е еден исклучителен автор (1936-2021), а ова е негова прва самостојна изложба. Ми беше професор, нè сакаше да се истакнува. Беше многу вреден човек, во еден ден можеше да нацрта многу дела, а илустрацијата, графичкиот дизајн и типографијата ги имаше разработено на поразлично ниво во Македонија, и на едно академско ниво. Творел паралелно со Димитар Кондовски, Младен Туниќ, Василие Поповиќ-Цицо, Александар Цветковски…“. Со овие зборови го започна своето раскажување неговата ученичка Семенпеева, која ги запозна присутните и со неговата биографија. Додаде и дека тој е исклучителен сликар и дека ќе се обидат да направат изложба и со неговите сликарски дела.

-Изложбите на илустрации од македонските уметници може да се видат еднаш во животот, рече Семенпеева, посочувајќи дека илустрацијата во нашата земја го нема третманот којшто го заслужува, иако станува збор за национално богатство.

„Хартијата има рок на траење, пожолтува и се распаѓа. Во светот постојат музеи кои имаат специјализирани услови за заштита на илустрациите и цртежите нацртани на хартија и се чуваат во посебни архиви“, вели таа укажувајќи дека во нашата држава нема услови за ваков третман и илустрациите ја доживуваат „македонската судбина“.

Како што додаде, фестивалот „Литера“, но и македонската ликовна уметност се соочува со тоа дека оригиналните илустрации на македонските уметници кои веќе не се со нас полека исчезнуваат, бидејќи нивните семејства немаат услови за соодветно чување на цртежите создадени на хартија.

-Илустрацијата која ние како фестивал сакаме да ја ставиме на виделина, пред јавноста, за жал почнува да ја снемува. Сето тоа богатство пропаѓа, не знаеме каде… Таков е случајот и со ликовниот уметник Димче Исаиловски кој, за жал, почина минатата година, а ние со него претходно планиравме и се договаравме две години за да направиме изложба и да ја поставиме во рамки на фестивалот оваа година. На второто издание на „Литера“, успеавме да направиме изложба на илустрации на еден од доајените на македонското сликарство, Димитар Кондовски.

Инаку, отворањето на изложбата на Манески, се збогати и со присуството на неговиот син Томе Манески, кој истакна дека делото на неговиот татко оставило неизбришлива трага во македонската илустрација, но и литература за деца, и дека благодарение токму на него, тој од рани години се занимава со дизајн и графика, и целиот свој живот е опкружен со убавините на уметноста.

Во рамки на „Литера“, се отворени и изложби на дела на современи македонски авторки и илустраторки како Софија Семенпеева-Трајановска, Иванка НиБа и Анастасија Јованова. Изложбите сведочат за богатството и разновидноста на македонската илустративна сцена. Фестивалот „Литера“, преку изложбите и креативните работилници и оваа година продолжи да ја поддржува културата и литературата за деца, со акцент на нивната улога во креативниот и емоционалниот развој на децата и младите. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ