Британката Кетрин Мајер покрена петиција за доделување на Нобеловата награда за мир на Французинката Жизел Пелико, жртва на сексуално насилство, а петицијата досега ја потпишаа на интернет неколку илјади луѓе.
-Никој не ја заслужува Нобеловата награда за мир повеќе од неа. Тешко е да се замисли форма на насилство што претставува поголем предизвик за мирот од сексуалното насилство, рече иницијаторката.
Петицијата е покрената на англиски јазик на веб-страницата Чејнџ.орг на 20 декември, ден по завршувањето на судењето на нејзиниот поранешен сопруг Жизел Пелико и 50 сообвинети. Во средата петицијата се појави на веб-страницата на француски јазик и ја потпишаа повеќе од 32.000 луѓе на двата јазика.
Кетрин Мајер беше коосновач на Партијата за еднаквост на жените, која водеше кампања за поголема родова еднаквост пред да биде распуштена минатата година. Таа е автор на неколку книги, вклучително и биографија на британскиот крал Чарлс во времето кога беше принц од Велс во 2015 година.
-Жизел Пелико успеа да се пробие низ маглата на дезинформации со откажување од анонимност за да присуствува на судењето на нејзините напаѓачи и да сведочи, изјави Кетрин Мајер.
Жизел Пелико стана икона поради храброста да се соочи со своите силувачи. Нејзиниот поранешен сопруг ѝ давал седативи и десет години ја силувал во сон, поканувајќи неколку десетици мажи да го сторат истото. Тој е осуден на максимална казна од 20 години затвор.