Илјадници документи за комуникациите на кралицата Елизабета ќе бидат објавени во 2026 и 2027 година

27

Илјадници владини документи за комуникациите на покојната кралица Елизабета и нејзиниот сопруг принцот Филип треба да бидат објавени во следните две години, а истражувачите стравуваат дека документите би можеле да бидат предмет на цензура, објавија денеска британските медиуми.

Документите треба да бидат објавени во 2026 и 2027 година, пет години по смртта на кралската двојка, а во кралската палата веќе започнаа внатрешни разговори за тоа како да се постапува со документите и што треба да остане доверливо, пишува весникот „Гардијан“.

Документите најверојатно ќе вклучуваат настани што ги одбележаа врвовите и падовите на нејзиното 70-годишно владеење, како и кореспонденција со членовите на кралското семејство и владините оддели, евиденција за патувања во странство и други детали поврзани со раѓања, смртни случаи и разводи во рамките на семејството.

Повеќето јавни документи од историско значење обично се објавуваат по 20 години, но има исклучоци кога станува збор за владини документи важни за националната безбедност.

Архивите на кралското семејство од Виндзор не се сметаат за јавни документи, наведува „Гардијан“.

Документите кои се однесуваат на комуникациите на монархот се чуваат во тајност додека не поминат пет години од нивната смрт, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ