Комплетирана програмата за годинашното издание на манифестацијата „Илинденски видувања – Вршник 2024“, која беше возобновена минатата година, во селото Русиново, Берово.
Настанот се одржува по повод 2 Август, Денот на Илинденското востание, а Организацискиот одбор од селото Русиново и Здружението „Малешевци за Малешевијата“ подготвуваат богатата културно-уметничка програма со хуманитарен карактер.
Во рамките на „Илинденските видувања – Вршник 2024“, како дел од традицијата, е предвидена и подготовка на традиционална храна под вршник.
Бидејќи настанот ќе се одржи на 2 август, сите заинтересирани граѓани најдоцна до 1 август 2024 година ќе треба да се пријават кај организаторот со предлог за традиционално малешевско јадење што ќе го подготват.
Целокупниот материјал и производите за подготовка на храната ќе бидат обезбедени од организаторот. Настанот ќе има хуманитарен карактер и подготвената храна ќе се продава.
За музичкиот дел од програмата ќе се погрижат естрадните ѕвезди: Андријана Јаневска, Игор Џамбазов и Гури Харе, Спасен Силјановски, Елена Велевска, Раде Младеновски, Блага Петреска и други музички имиња со голем број изненадувања за присутните.