Македонската воздухопловна едрилица „Илинденка“, која беше една од главните атракции на минатогодишниот аеромитинг на спортскиот аеродром „Стенковец“ кај Скопје, по повод 100 години македонска авијација, денеска е вратена во Србија.
Откако никогаш во својата пензија (од 60-тите години на минатиот век) не беше излезена од депото на Музејот на југословенското воздухопловство во Белград, „Илинденка“ лани величествено беше пречекана и, според договорот, требаше да биде изложувана во Македонија, на различни локации, за изминатава една година, како „свет грал на македонската авијација“. Но, наместо тоа, беше ставена во хангарот на „Стенковец“ и не виде бел ден сè до денеска, кога беше транспортирана за Белград.
– Помпезно ја дочекавме, но не ѝ посветивме соодветно внимание, несоодветно ја промовиравме, а сега тивко и нечујно ја вративме назад, облеана со носталгијата на малкутемина некогашни и сегашни воздухопловни активисти. И не сум сигурен дека повторно ќе имаме можност да ја видиме славната македонска воздухопловна едрилица „Илинденка“ на нашиов простор – вели за весникот ВЕЧЕР Ѓорги Чачкиров, сообраќаен инженер, професионален пилот во пензија, долгогодишен аероклупски активист, пилот и воздухопловен хроничар, во врска со „Илинденка“.
Тој, лани, по повеќе од 50 години, како, впрочем, и целата македонска јавност, имаше можност да ја види оригиналната, веќе одамна „пензионирана“ воздухопловна едрилица „Илинденка“. Проектант и конструктор на едрилицата бил инженерот Мирослав Илиќ, а таа за прв пат е произведена и тестирана во 1955 година. „Илинденка“ е изработена по принципот на дрвена конструкција со платнена обвивка и метални носечки и управувачки елементи.
Чачкиров вели дека таа е една од повеќето типови едрилици произведени и одржувани во единственото македонско воздухопловно претпријатие „20 Мај“ – Скопје, но е единствена од категоријата „високоспособни“ едрилици. Изразот определува тренажна и натпреварувачка едрилица со сертификат, односно одобрение за летање и во акробатски маневри.
– Идејата и иницијативата за изградба на оваа едрилица датираат од крајот на 1954 година, од страна на бардот на македонското аероклупско или цивилно воздухопловство, Љубомир Тевчев. Тој бил основач и прв директор на воздухопловното претпријатие „20 Мај“. На негово инсистирање, веќе на почетокот од 1955 година, конструкторот Мишо Илиќ ги презентирал проектите за новата едрилица, именувана како „Илинденка“. Со голем елан и извонреден ангажман на вработените во „20 Мај“, до почетокот на мај таа година, бил целосно изработен првиот прототип на оваа едрилицата. Веднаш била изложена во дворот на претпријатието, кое во тој период било лоцирано ориентационо на местото на сегашната гимназија „Ј. Б. Тито“, каде што можеле да ја видат и случајните минувачи. Оттаму, во расклопена форма, била пренесена на стариот скопски аеродром, сегашната населба Аеродром, подготвена за првите пробни летови. Кон крајот од мај таа година, биле направени и првите пробни, односно тест-летови за добивање официјален сертификат – уверение за пловидбеност и регистрација. Нив, во присуство на овластена комисија од југословенската Сојузна управа за цивилно воздухопловство (СУЦВП), ги направил овластениот македонски аероклупски доајен и наставник – пилотот Славко Димитровски – кажува Чачкиров.
Веднаш по тест-летот, едрилицата добила официјален сертификат и одобрение за сериско производство. „Илинденка“ била регистрирана како „YU-4099“. Таа продолжила да лета, главно, во македонските аероклубови, а учествувала на повеќе републички и сојузни првенства.
– По сериската изработка на едрилиците од овој тип, „Илинденка“ беше присутна на многубројни, тогашни југословенски и на едно Светско едриличарско првенство, во Полска во 1958 година, како дел од репрезентацијата на Југославија, а во 1969 година летана од Павле Карушарев, член на аероклубот од Скопје, поставила македонски рекорд во траење од 9 часа и 8 минути – вели Чачкиров.
Тој посочува дека оваа „Илинденка“, која беше позајмена од Србија, имала тажна историја.
– Тие едрилици престанаа да летаат кај нас и на бившите југословенски простори, кон крајот на шеесеттите години од минатиот век. Оттогаш, нашите две македонски едрилици беа оставени незаштитени од забот на времето, додека целосно не се распаднаа. Оваа прикажана „Илинденка“ беше сопственост на некогашниот Воздухопловен сојуз на Србија, а по нејзиното исфрлање од употреба, му беше отстапена на некогашниот Музеј на југословенското воздухопловство, денес Воздухопловно-технички музеј, каде што има третман на национално богатство – вели Чачкиров.
По повод одбележувањето на 100-годишнината од основањето на скопскиот аероклуб, по договор меѓу македонската и српската Влада, оваа „Илинденка“ беше донесена на привремен престој во Скопје, во траење од една година. По нејзиното реставрирање, кај нас, таа беше изложена пред македонската јавност. На нејзиното претставување говореа тогашните премиер на македонската Влада, Димитар Ковачевски, и српски министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ. По ова, едрилицата беше ставена во хангарот на спортскиот аеродром „Стенковец“ и вратена во заборавот во кој беше веќе влезена.
– Не најдовме доволно време и простор за поширока нејзина популаризација, за нејзината и наша воздухопловна историја, која сведочи за тогашното ниво на нашата авијациска техничка, технолошката и кадровска подготвеност. Иако не летав на неа, бидејќи започнав со летањето една година по нејзиното „пензионирање“, тажно ја гледав расклопена и оставена надвор од хангарите на нашите спортски аеродроми. Потоа, со години наназад ги собирав историските спомени и фотографиите што сведочат за неа. На крајот подготвив еден вид монографија за првото и единствено македонско воздухопловно претпријатие „20 Мај“ и за воздухопловната едрилица „Илинденка“. Очекував дека во овие услови, кога е таа овде, некој ќе пројави интерес за нејзино објавување, со што ќе се избегнат кусите и повеќе неточни информации во врска со неа. Но, се излажав! Во ова време, бизнисот има предност, а од историските книги и монографии не се прави бизнис. Така и јас не можев да одвојам од својата пензија толку за да издадам таква монографија. Издвојував за откуп и скенирање на оригиналните документи и фотографии, но за издавање не смогнав сили. Нашиот народ би рекол, со Господ напред, можеби и тоа ќе го остварам. Дотогаш, „Илинденка“ се врати да го краси својот вечен дом во Музејот во Белград, а ние ќе читаме само куси и повеќе непроверени информации објавувани на социјалните мрежи – заклучува Чачкиров.
(С.Бл.)