121 години ИЛИНДЕН – 80 години АСНОМ ! – „Борбата трае“

110

Оваа година се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и големиот јубилеј-80 години од Првото заседание на АСНОМ.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

“На темелите на Илинденското востание, на народната револуција и ако сакате прецизно, на двата Илиндена, од 1903-тата и од 1944-тата година почива македонската државност. Почит кон сите кои нѐ задолжија за денеска да имаме слободна држава. Илинден и АСНОМ се темел на македонскиот непокор. Илинденското востание и АСНОМ-ските решенија на идните генерации им го даваат чувството на припадност и ние им пркосиме на сите кои сакаат тоа да го избришат. Македонија не е и нема да биде држава за поткусурување“. Вака универзитетската професорка и научен советник во Институтот за национална историја Катерина Тодороска го објаснува историското значење на Втори август – Илинден, Денот на Републиката.

Вели, дека Крушевската република и Крушевскиот Манифест се одраз и израз на најдемократска политичка творба во почетокот на 20. век. „Следната жртва на македонскиот народ се годините од народно-ослободителната војна 1941-1944 година, која била крунисана со АСНОМ и неговите одлуки. Благодарение на АСНОМ биле донесени шесте најважни документи за формирање на македонската државна единица, меѓу кои и Решението за прогласување на АСНОМ за Врховно Законодавно и Извршно Народно претставничко тело, како и Прогласот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ и до целото население кое живеело во македонската држава“.

Годинава, одбележувањето на еден од најголемите национални празници во Република Македонија, 2ри Август – Денот на Републиката ќе се одржат под слоганот „Борбата трае“.

-Со слоганот „Борбата трае“ сакаме да ја пренесеме пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци, информираат од Владата.

Централната манифестација во чест на Илинден 1903-та, како и секоја година, ќе се одржи на 2-ри Август во Крушево, на месноста Гумење, на Мечкин Камен. На оваа свеченост обраќање ќе има Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Оваа манифестација претставува значаен момент за сите граѓани на нашата држава каде ќе се оддаде почит на хероите кои ја одбележаа нашата историја.

Претседателот на државата, Гордана Сиљановска Давкова ќе го посети манастирот Свети Прохор Пчињски и ќе има свое обраќање на манифестацијата по повод 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ на Пелинце. Нејзиното обраќање ќе биде посветено на историското значење на овој празник и на важноста од зачувување на националниот идентитет и традиции. Како што беше најавено заедно со нејзиниот српски колега Александар Вучиќ ќе го посетат манастирот Прохор Пчински.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод која ќе се одржи пред зградата на Собранието. Овој чин ќе биде симбол на почит и сеќавање на хероите кои ги поставија темелите на нашата држава.