Српскиот интернационалец Илија Абутовиќ, се враќа во македонскиот ракомет. Српскиот специјалист за одбрана, кој најдобрите денови од својата кариера ги помиа во редовите на најтрофејниот македонски клуб Вардар 1961, повторно се враќа во македонскиот ракомет, но овој пат во Битола, во тимот на Еурофарм Пелистер.

Абутовиќ (35) се очекува да биде големо засилување за одбранбениот ред на пелистерци за настапите во Лигата на шампионите поради неговото искуство. Од таборот на битолчани се задоволни од потписот.

„Ростерот за сезоната 2024/24 на Еурофарм Пелистер ќе биде побогат за уште еден роден шампион. Ни причинува особено задоволство што наш нов член е српскиот репрезентативец Илија Абутовиќ.

Дефанзивецот со богата кариера доаѓа во Битола од француската лига, каде го носеше дресот на Шартр, а  се обврза на едногодишен договор со битолскиот клуб и ќе се приклучи на подготовките на екипата во последната недела од јули. Абутовиќ во Битола ќе биде претставен на почетокот на подготовките“, се вели во соопштението на клубот.

Илија Абутовиќ дебитираше за Спартак Суботица во 2006 година, а потоа ги носеше дресовите на Партизан и словенечки Слован од Љубљана. Во 2011 година потпиша за Вардар и остана седум години. Потоа го чекаше предизвикот Бундеслига и четири години го носеше дресот на Рајн Некар Левен. Последните две сезони ги мина настапувајќи за Шартр.

Абутовиќ има европска клупска титула, пет освоени првенства на Македонија, титули од српските шампионати и Куп, како и четири изданија на СЕХА лигата.