Или плата или, од понеделник, блокада на Скопје со механизација

5548

Вработени во јавното претпријатие „Улици и патишта“ денеска протестираа пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, бидејќи сè уште (до 20 декември) немаат земено плата и бараат да им се исплати К-15.

Тие побараа итно да им се исплати платата, да се одблокира сметката на претпријатието и да се создадат услови за работа. Се заканија, доколку не добијат плата, од понеделник со механизација ќе излезат на улиците и дека ќе ги исклучат семафорите за да се блокира целиот град. Се пожалија и дека немаат гориво и дека возила „седат“ во гаража.

Протестот беше организиран од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ).

– Замислете, протестираат за плата. Камоли да се побараат некои други средства како заштитни средства при работа или зголемување на платите – посочи претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, опишувајќи ја ситуацијата во претпријатието како „крајно критична“.  

Нусрет Пашалиќ, вработен во ЈП „Улици и патишта“, се пожали дека секој месец имаат проблеми со исплатата на личниот доход и побара да се одблокира сметката на претпријатието.

Трајко Стефановски, возач во „Улици и патишта“,  посочи дека имаат проблем и со регистрацијата на возилата. Тој подвлече дека бараат скопската градоначалничка да ги прими и да им објасни што се случува со нивното претпријатие.

– Ние сме во служба на Градот. Меѓутоа, со тоа што не одговара на нашите барања, на нашите повици за средба со неа, укажува на тоа дека не се грижи за состојбата во градот – смета Стефановски, нагласувајќи дека, за жал, го имаат истиот проблем и со другите градски јавни претпријатија.

Во врска со протестот, нарекувајќи го политички мотивиран, експресно реагираа од ЈП „Улици и патишта“.

Оттаму тврдат дека вработените во претпријатието имаат добиено плата и оти не им е јасно зошто протестира синдикатот.

– Истовремено, Мицкоски треба да ги информира дека за линеарно зголемување на платата и за К-15, кои се барања на синдикатот, одлука носи Управниот одбор на претпријатието, чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ – децидни се од ЈП „Улици и патишта“.

Додаваат дека целта на Мицкоски и на ВМРО- ДПМНЕ е јаснa, односно, како што соопштија, сè додека насилно не ги преземат скопските јавни претпријатија, активно ќе ги напаѓаат секој ден, со цел креирање нови кризи, па дури ќе организираат и протести за плата во претпријатија каде што веќе е исплатена.

(А.П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ