Филхармоничарите решија да ги радикализираат протестите кои започнаа минатиот месец, поради, како што велат, постоење на сомнежи дека конкурсот за избор се спроведува незаконски. Како што истакнаа на последниот протест пред Министерството за култура, тие добија ветување од министерот Зоран Љутков дека конкурсот ќе биде спроведен законски и дека ќе биде избран најдобриот кандидат кој ги исполнува условите. Сепак, ова не ги „смири“ вработените во Македонската филхармонија…
Вработените во Македонската филхармонија најавија дека ако се избере меѓупартиски договорениот кандидат на претстојниот конкурс за директор на ова установа, ќе престанат со работа и нема да ги одржуваат своите концерти?!
Тие решија да ги радикализираат протестите кои започнаа минатиот месец, поради, како што велат, постоење на сомнежи дека конкурсот за избор се спроведува незаконски. Како што истакнаа на последниот протест пред Министерството за култура, тие добија ветување од министерот Зоран Љутков дека конкурсот ќе биде спроведен законски и дека ќе биде избран најдобриот кандидат кој ги исполнува условите. Сепак, ова не ги „смири“ филхармоничарите.
Од Синдикатот на Македонската филхармонија посочуваат дека во меѓувреме, добиле информации дека конкурсот веќе се спроведува незаконски, и дека по секоја цена се оди кон тоа меѓупартиски договорениот кандидат Мустафа Имери да биде назначен за директор на нивната институција, а „комисијата им дала рок на кандидатите кои не доставиле уредна документација, меѓу кои е и Имери, да ги достават потребните документи во рок од три дена, со што се кршат условите пропишани во конкурсот“.
Ова доаѓа откако вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, во интервју за една од македонските телевизии посочи дека при поделбата на раководните функции во институциите, „Вреди“ ја добил Филхармонијата и дека директор ќе биде Мустафа Имери.
Во меѓувреме од Синдикатот на филхармоничарите велат дека добиле поддршка
и од своите колеги од Белградска филхармонија, а вчера и од српските колеги, кои потенцирале дека доколку на нетраспарентен начин се спроведе конкурсот и се избере однапред договорениот меѓупартиски кандидат, ќе го информираат и Џон Смит, претседател на Интернационалната федерација на музичари (FIM), кој ги застапува интересите на европските музичари во УНЕСКО, како и во Европскиот парламент.
„Синдикатот на музички уметници на Србија им дава целосна поддршка на музичарите од оркестарот на Македонската филхармонија во нивната борба за транспарентно и законски спроведен конкурс за избор на директор.
За нас, музичарите, најважно е да имаме простор и слобода на израз, бидејќи музиката, како и сите останати уметности се темели на независност и слобода, а не на општествените стеги и актуелни политички состојби. Културните институции треба да ги водат професионалци, луѓе со искуство и професионален интегритет, а не политички марионети. Државата треба да ја поттикнува и стимулира музичката уметност, да ги мотивира музичарите да ги достигнат своите највисоки врвови, зашто тие се нејзини најголеми амбасадори. Музиката и културата, а не политиката, се најдобри промотори на секоја држава“, се вели меѓу другото во писмото испратено од Синдикатот на музичките уметници на Србија.
Од Министерството за култура и туризам, вчера, за весникот ВЕЧЕР посочија дека постапката за одлучување по Јавниот оглас за избор на директор на Националната филхармонија е во тек, а за резултатите јавноста ќе биде најтранспарентно известена во најскоро време. Претходно од Министерството, исто така беше посочено дека формираната комисија ќе ги разгледа петте пристигнати апликации на конкурсот и дека транспарентно ќе биде донесена одлуката, по што на министерот Зоран Љутков ќе му даде препорака кој од кандидатите ги исполнува сите услови за директор на оваа установа. (Д.Т.)