Во 1959 година, иконата „Св. Василиј Велики и Св. Никола Мирски“ е откриена на тремскиот таван од црквата Богородица Перивлептa (Св. Климент), во Охрид, во многу лоша состојба. Појавата на светителите Василиј Велики и Никола Мирски на една икона од првата половина на 11 век, за која може со поголема сигурност да се смета дека настанала во некоја цариградска работилница, покажува дека нејзината иконографија била резултат од актуелните движења на времето што го возбудувало православниот свет…

 

Иконата „Св. Василиј Велики и Св. Никола Мирски“, која потекнува од средината на 11 век (создадена во периодот од 1045 и 1050 година), се смета за најстарата икона во Македонија. Таа денес се наоѓа во Галеријата на икони во Охрид.

Сликана е со темпeра на штица, со димензии од 110 x 75 cm.

Може да се претпостави дека иконата и биле подарена на катедралната црква Св. Софија во Охрид. Не е познато кога била пренесена во црквата Богородица Перивлептa (Св. Климент) во Охрид.

Во 1959 година иконата е откриена на тремскиот таван од црквата Богородица Перивлептос (Св. Климент), во Охрид, во многу лоша состојба. Штицата е најдена од црвоточина и искршена на неколку места. Грунтот, заедно со боениот слој, отпаднал целосно во долниот дел од иконата. Боениот слој на одеждите, рацете и лицата отпаднал на повеќе места. Натписите, изведени со цинобер боја врз златниот фон, тешко се оштетени, но сепак можно е нивно читање. На рамката, широка 8,5 cm бил поставен оков, но од него не останале никакви траги.

Епископот Кесариски, Св. Василиј Велики се смета за еден од најголемите поборници на православието. Тој е наречен столб на божјата црква и еден од најголемите умови на богословието. Неговите бројни богословски, апологетски, подвижнички и канонски дела извршиле големо влијание.

Култот на Св. Василиј Велики особено се засилил кон средината на 11 век, кога се водат расправии околу тоа кој меѓу тројцата свети отци (Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст) е најголем. Како резултат на овие расправи, настануваат три посебни движења: Василијани, Григоријани и Јованити, кои секој посебно, за најголем го прогласуваат еден од споменатите светци.

Дали би можело да се претпостави дека кон движењето на Василијаните припаѓал и охридскиот архиепископ Лав, учен цариградски хертофилакс, ктитор на живописот на катедралната црква Св. Софија во Охрид?

Во оваа црква била живописана една од најстарите композиции во ромејското фреско-сликарство, посветени на св. Василиј Велики – “Службата на Василиј Велики”.

Црквата Богородица Перивлептa (Св. Климент) во Охрид

Со цел да се смират и меѓусебно обединат трите движења, за време на царот Алексиј I Комнин е изнајдено компромисно решение и воспоставен e заеднички празник на тројцата архијереи, кој се празнува на 30 јануари, иако секој од овие отци има свој ден за празнување во календарот.

И култот на Св. Никола Мирски, кон средината и во втората половина на 11 век, значително нараснува. Така во 1087 година, со залагање на патријархот Хикола Граматик, моштите на светителот ќе бидат пренесени од Мир Ликиски во италијанскиот град Бари.

Појавата на светителите Василиј Велики и Никола Мирски на една икона од првата половина на 11 век, за која може со поголема сигурност да се смета дека настанала во некоја цариградска работилница, покажува дека нејзината иконографија била резултат од актуелните движења на времето што го возбудувало православниот свет.

Конзервација и делумна реставрација се извршени во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата – Скопје.

Инаку, објектот на Галеријата на икони-Охрид се наоѓа во амбиенталната целина на црковниот комплекс “Св. Климент” (Св. Богородица Перивлепта), наспроти главниот влез од црквата.

Комплексот со векови наназад имал изразито религиозен и просветителски карактер. Во дворот на црквата во 1841 година било изградено ново училиште за вишите класови по нацрти на Константин Робев, а во 1845-1850 уште едно класно училиште пред црковната врата на митрополијата, на местото од урнати редови на манастирски ќелии. Ова, второто изградено училиште е всушност објектот во кој денеска е сместена во Галеријата на икони.

Во постојаната поставка на Галеријата на икони се изложени најзначајните примероци од иконите, вкупно 37. Хронолошката припадност на делата е од средината на 11 до средината на 19 век.

Охридската збирка, покрај Синајската од манастирот „Св. Катерина“, Светогорската и Руската е една од највредните и најзначајните светски колекции на икони. Повеќето од нив настанале во охридските сликарски работилници, а некои од иконите во текот на вековите, како подароци за охридските цркви, биле донесени од Цариград или Солун и се одликуваат со исклучителни колористички решенија, грациозност и убавина на сликарската обработка.

ИЗДВОЕНИ