ИЈЗ: Шугата може да доведе до сериозни компликации

Пораст на заболени минатата година во споредба со 2023

29

Во јануари годинава биле регистрирани 28 случаи на шуга од кои 16 во Скопје. Истите не биле поврзани меѓусебно, односно болеста не се јавувала во епидемиска форма. Податоците на Институтот за јавно здравје објавени вчера покажуваат дека минатата година е забележан пораст на лицата заболени од шуга, односно биле евидентирани 493 лица за разлика од 2023 година кога имало 337 заболени лица. Најголем број заболени минатата година биле регистрирани во Скопје – 182, Куманово – 108 и Гостивар – 101.

Во периодот од 2014 до 2023 година, најмногу заболени имало во 2015 година кога се евидентирани  527 лица, а најмалку во 2021 година кога имало 151 лице заболено од шуга.

– Во Северна Македонија, шугата главно се појавува во социјално загрозени групи, како и во институции со повисок ризик за пренос, како што се училишта, домови за стари лица и други колективни средини. Шугата е паразитска инфекција предизвикана од мал паразит, познат како „sarcoptes scabiei var hominis“. Овој паразит продира во горниот слој на кожата, каде што се размножува, предизвикувајќи силен осип и неподносливо чешање. Но, шугата не е само непријатност – таа може да доведе до сериозни компликации како што се бактериски инфекции на кожата, сепса, па дури и заболувања на срцето и бубрезите, наведуваат од ИЈЗ.

Оттаму велат дека шугата најчесто се јавува во густо населени заедници каде што хигиенските услови се несоодветни. Симптомите на шугата може да се јават четири до шест недели по инфекцијата. Најчесто се манифестираат како силно чешање, најинтензивно ноќе.

-Најчеста локализација на промените се вдлабнатините – браздите помеѓу прстите на рацете и нозете, свивките на лактите, предните набори на пазувите, папокот, половината и регионот на препоните. Грбот е ретко зафатен, а главата и тилот обично не се зафатени. Важни дијагностички знаци се скабиозните канали, на чиј крај може да се види црна точка. Исто така, можат да се забележат и други кожни промени по телото, од типот на макули и папули. Во почетокот на болеста постојат скудни кожни промени, но, пациентот е заразен за околината. Со развојот на алергијата, се засилува и јадежот. Кај малите деца, осипот може да се јави и на дланките, стапалата и скалпот. Кај лицата со послаб имунитет, особено кај хронично болните и лицата со ХИВ, може да се развие крустозна шуга. Ова е сериозна форма што предизвикува суви, лушпести области на кожата, со илјадници до милиони грини. Оваа форма е високо заразна и бара интензивен третман, појаснуваат од ИЈЗ.

Шугата се пренесува преку директен близок физички контакт кожа на кожа со заразено лице -заедничко живеење, спиење, многу често при кампувања и кај лица кои живеат во лоши хигиенски услови. Ризикот е особено висок во домови, училишта, болници или бегалски кампови. Пренос преку облека или постелнина е поредок, но, сепак, можен.

-Важно е да се напомене дека заразеното лице може да ја пренесе болеста дури и пред да развие симптоми, што ја прави шугата предизвик за контрола, потенцираат од ИЈЗ.

Извештајот на Институтот доаѓа откако во понеделникот беше соопштено дека во кумановско Романовце има еден потврден и три сомнителни случаи на заболени од шуга.

ИЗДВОЕНИ