ИЈЗ: По проверките, сите реагенси од исклучените фрижидери се функционални

34

Во врска со инцидентот со исклучување на фрижидерите во кои се чуваат реагенци за целата држава, денеска со соопштение се огласи Институтот за јавно здравје.

Оттаму велат дека на ден 31.07.2024 година, беше востановено дека комора и фрижидер на одд. бактериологија во ИЈЗ  беа оставени без електрично напојување поради исклучен осигурувач.

После реакцијата истите да се стават во употреба, веднаш е направен увид на подлогите за работа, реагенсите и антибиотиците за антибиограм, од комората и фрижидерот кои беа исклучени од електрично напојување.

На ден 01.08.2024 беа направени сите неопходни микробиолошки анализи за проверка на квалитетот и исправноста на истите, а за добивање на резултат беа потребни 24 часа.

На ден 02.08.2024, прочитани се добиените резултати и согласно истите се установи дека молекуларните тестови за детекција на голема кашлица, како и подлогите за култивација на бактерии, антибиотиците  за изготвување на антибиограми и сите реагенси кои се наоѓаа во исклучените фрижидери, се функционални и може да се продолжи со нормално функционирање на одделението за бактериологија.

Воедно преземени се дополнителни мерки за унапредување на биолошката сигурност, велат од ИЈЗ и додаваат дека раководството на ИЈЗ ќе ги имплементира сите работни процедури во насока на подобрување на безбедноста како и унапредување на квалитетот на услугите кои ги дава ИЈЗ.