Во ЈУ Детски културен центар „Карпош“ ќе биде отворена изложба на цртежи и честитки изработени од најмалите, децата од предучилишните установи во Скопје. Оваа година творбите се под мотото „Љубов и насмевка за сите жени“.
Изложбата се одржува по повод 8 Март, Меѓународен ден на жената и е дел од музичко-креативниот настан „Играм и пеам за мојата мајка“.
-На наша покана, од градинките пристигнаа прекрасни ликовни творби изработени од најмалите, децата од скопските градинки. Преку нивните творби (честитки и цртежи) се рефлектираат нивните чисти и нежни чувства, а, исто така, може да се види и колку далеку одат детските креативност и фантазија, но и како си ја замислуваат тие својата мајка – жената и која е нејзината улога во нивниот живот – соопштија од ДКЦ „Карпош“.
Покрај оваа изложба, за децата од градинките е организирана и пригодна програма. Оваа година, гостинка во ДКЦ „Карпош“ ќе биде Ива Матиќ, единствената жена пилот на воен авион, а сега пилот на авион од комерцијален тип. Таа работи во компанијата „Визер“ и ќе им раскаже на децата како се управува со авион и дека секоја жена може да биде успешна во која било професија за која ќе се определи.
Изложбата ќе биде отворена во просториите на ДКЦ „Карпош“, в петок со почеток во 10:00 часот.