Игор Иванов од велешката населба Превалец, кој на Водици го фати крстот во водите на Вардар, под Малото мовче и кој во изминатите 40 дена спроведе хуманитарна акција со своите другари, одлучи со дел од собраните пари да купи направа за вежбање за лицата со попреченост. Направата му ја донираа на меѓуопштинското здружение на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, за општините Велес, Градско и Чашка, сместено во просториите на месната заедница „Алексо Демниевски-Бауман“.
– Направата ќе им биде добредојдена на нашите членови за стекнување и за одржување на физичката активност. Таа е наменета за движење, за одење, за трчање и за масажа на нозете и им е неопходна на нашите членови, лица со инвалидитет – потенцира Миланчо Арсовски, претседател на оваа Здружение.
Иванов има 33 години и е судија во Првата фудбалска македонска лига. Вели дека се одлучил да му ја донираат оваа направа за вежбање на ова велешко Здружение за создавање здрави навики за вежбање кај лицата со телесен инвалидитет. Пред неколку години, и неговиот другар Димитар Чоков, кој го фати крстот на Водици во Вардар, со дел од собраните средства, за хуманитарни цели, купи помагала за движење на членовите на Здружението на лица со церебрална парализа и друг вид попреченост.