На падините на Шар Планина, во смрчево-еловите шуми, е забележано сушење на поединечни и групи стебла од смрча (Picea excelsa) и зголемена појава на поткорници. Спроведеното истражување од 2024 година што го направиле од Националниот парк, укажува на можна присутност на видовите Pityogenes chalcographus и Ips typographus, кои под поволни услови може сериозно да го нарушат шумскиот екосистем, па затоа оваа година се продлабочуваат истражувањата.
– За да се спречат ширењето и создавањето нови генерации од овие штетници, во шумите се поставени феромонски стапици – специјални примки што селективно ги привлекуваат инсектите и овозможуваат прецизно следење на нивната популација. На овој начин, навремено се открива зголемена бројност и се преземаат соодветни мерки како санитарна сеча или поставување ловни дрва, со што се спречуваат масовно сушење на дрвјата и деградација на шумскиот екосистем. Контролата на овие популации е клучна за одржување на биолошката рамнотежа во шумите. Без неа, инсектите што обично имаат ограничено влијание, може да предизвикаат сериозни еколошки и економски последици – велат од НП „Шар Планина“.
Доколку се утврди дека интензитетот на нападот е зголемен, паркот ќе преземе мерки за механичко отстранување на нападнатите дрвја. Целта е да се намали популацијата на поткорникот и да се спречи неговото понатамошно размножување.
– Ве молиме, доколку сретнете вакви кутии низ иглолисните шуми на Шар Планина, не ги допирајте и не ги уништувајте – тие се дел од нашите напори за зачувување на овие вредни и древни шуми – велат од Националниот парк.
(С.Бл.)