Иднината на Блискиот Исток зависи од наредните денови

78

Соединетите Американски Држави ќе ги преземат сите неопходни мерки доколку бидат нападнати американските интереси на Блискиот Исток, изјави шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен.

„САД ќе ги преземат сите неопходни мерки за заштита на американскиот персонал и американските интереси во регионот“, рече Блинкен на прес-конференција во Њујорк.

Тој исто така предупреди дека одлуките што ќе ги донесат сите страни во наредните денови ќе ја обликуваат иднината на Блискиот Исток.

„Изборите направени од сите страни ќе го одредат патот по кој ќе оди овој регион со длабоки последици за неговиот народ сега, а можеби и за годините што доаѓаат“, рече Блинкен.

На прес-конференција на маргините на Генералното собрание на ОН, Блинкен рече дека Вашингтон јасно ставил до знаење дека верува оти патот напред е преку дипломатија, а не преку конфликт.

Тој изјави дека дипломатскиот пат сè уште постои, иако можеби изгледа тешко да се види во моментов.

„Според нас, тоа е неопходно и ќе продолжиме интензивно да работиме со сите страни за да ги поканиме да го изберат тој курс“, рече тој.