Во моментов во страв живеат луѓето во местата покрај реката Дунав, чиј водостој опасно расте. Во Унгарија реката веќе се излеа без да предизвика поголема штета, а за големи поплави се подготвува и Србија. Во регионот критично е и во Хрватска, каде што надоаѓа Дунав, а поплавија и другите реки. Циклонот „Борис“ на Централна Европа и ги донесе најлошите поплави во последните две децении. Погодени се делови од Полска, Чешка, Романија, Австрија и Словачка. Поплавите однесоа најмалку 24 животи, разурнаа илјадници објекти и предизвикаа огромна материјална штета
Поради обилните врнежи во изминатите неколку денови, во земјите од Централна и Источна Европа, водостоите на реките нагло се зголемија, но сè уште се далеку од опасни нивоа, иако минатата недела имаше повремени излевања.
Во моментов во страв живеат луѓето во местата покрај реката Дунав, чиј водостој опасно расте. Во Унгарија реката веќе се излеа без да предизвика поголема штета, а за големи поплави се подготвува и Србија. Во регионот критично е и во Хрватска, каде што надоаѓа Дунав, а поплавија и другите реки.
Водите на Дунав во Будимпешта деновиве достигнаа ниво од 7,93 метри, што е највисоко во последната деценија. Унгарската Генерална дирекција за управување со води соопшти дека Дунав доцна во средата го достигнал врвот на 6,93 метри, под 8,91 метри забележани во 2013 година кога почнаа екстремните поплави во Централна Европа по обилните дождови кон крајот на мај, пренесуваат медиумите цитирајќи го Ројтерс.
Во Унгарија, која се бори со поплави откако циклонот „Борис“ предизвика обилни врнежи во Централна Европа, ситуацијата е најкритична во селото Кисмарош, каде што мештаните веќе користат чамци по улиците, додека населението на градот Баја се подготвува за најголемата поплава во последните 11 години. Унгарскиот парламент во Будимпешта, пак, опколен со излеаниот Дунав, заличи на остров.
-Во Будимпешта се очекува бавен раст на водостојот на Дунав, кој ќе се зголеми за педесет сантиметри до сабота навечер, по што реката полека ќе почне да се повлекува, изјави генералниот директор на националното водостопанство Иштван Ланг.
Штетите не се големи благодарение на добрите подготовки во очекување на водениот бран. Поради сериозноста на ситуацијата уште од понеделникот претпријатијата и установите во унгарската престолнина почнаа со работите за заштита од поплави. До понеделник ќе бидат затворени Пештанскиот и Будимскиот долен кеј по 20 часот, а сите возила од тој дел се отстранети.
Управата за водостопанство соопшти дека последен пат нивото на Дунав надминало шест метри во декември 1987 година.
Расте водостојот на Дунав и во Србија и ќе продолжи да расте во следните неколку денови, предупреди тамошниот Хидрометеоролошки завод.
Први на удар од поплави се жителите на градот Апатин, каде што интензивно се преземаат мерки за заштита. Очекувањата се дека во сабота водостојот на Дунав драматично ќе се зголеми во Нови Сад, додека следниот ден, поточно в недела на 22 септември, на удар ќе биде Бачка Паланка. Во информацијата на српскиот Хидрометеоролошки завод се вели дека Дунав најголем ниво на вода ќе има меѓу 25 и 28 септември.
Дунав, кој е втора најголема река во Европа по Волга, ѝ се заканува и на Хрватска. Таму се очекува да порасне за шест метри, а деновиве се прогнозираат екстремно високи водостои и на другите реки, предупреди директорот на „Хрватски води“, Зоран Ѓуроковиќ и наведе дека треба да се внимава на возводниот слив на Дунав.
-Сега нивото на водата во Батина е на околу плус 140 сантиметри, но во наредните денови Дунав ќе се подигне за шест метри, што е многу сериозен водостој и е на ниво повисоко од седум илјади кубни метри, рече тој додавајќи дека од Будимпешта до Батина има 200 километри, тоа е портата кон Хрватска, што значи дека тој бран во Хрватска се очекува дури на почетокот на следната недела.
Затоа, посочи Ѓуроковиќ, ништо не треба да се остави на случајноста и предупреди дека имаат рок од седум до 10 дена за подготовки, пренесуваат хрватските медиуми.
-Во следните седум до 10 дена ќе имаме екстремно високи водостои. Хрватска ќе се организира со сите сили да се спротивстави на ваквите водени бранови, заклучи Ѓуроковиќ.
Хидролозите го следат водостојот на Дунав, а прогнозите за поројните реки Мура, Драва и Купа се умерени, без опасност од нови поплави.
Дунав ја опустоши цела централна Европа каде што тече, само Австрија успеа да избегне катастрофа благодарение на систем за заштита од големи поплави. Но, нивото на реката таму толку се крена што зароби 140 швајцарски туристи на крузер, кои не можат да мрднат од Виена веќе неколку дена. Патниците не можат да го напуштат бродот бидејќи пристаништето е под вода.
Циклонот „Борис“ на Централна Европа ѝ ги донесе најлошите поплави во последните две децении. Погодени се делови од Полска, Чешка, Романија, Австрија и Словачка. Поплавите однесоа најмалку 24 животи, разурнаа илјадници објекти и предизвикаа огромна материјална штета. Европската Унија вети финансиска помош од Европскиот фонд за солидарност, а ќе обезбеди уште 10 милијарди евра од кохезиониот фонд за санирање на огромните штети што ги предизвикаа поплавите врз инфраструктурата и станбените згради.
Експертите предупредуваат дека климатските промени би можеле да ги зачестат раните поплави.
-Ако ја погледнеме поголемата слика, можеме да видиме дека зимските врнежи растат и со порастот на температурите ќе имаме помалку снежни врнежи, плус снегот може да се топи порано. Така можеме да претпоставиме дека во иднина поплавите предизвикани од топењето на снегот што се случуваа на пролет би можеле да се случат порано, можеби во текот на зимските месеци, вели климатскиот истражувач Ана Кис.