И за „лајк“ на тероризмот на Интернет ќе следува протерување од Германија!

Секој што нема германско државјанство и велича терористички напади мора да биде депортиран, вели министерката за внатрешни работи

32

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер сака оние кои поддржуваат терористички напади или терористички групи на Интернет полесно да бидат протерани од Германија, објавија во средата германските медиуми.

„Кој нема германско државјанство и велича терористички напади мора да биде депортиран секаде каде што е можно“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (Социјалдемократската партија на Германија СПД) во интервју за Медиа Хаус Функе.

„Во иднина, дури и „лајк“ или коментар што велича или поддржува терористички напади ќе биде причина за протерување“, рече Фезер пред состанокот на владата на кој треба да се промени законот за странци што се однесува на коментари на Интернет.

Како што е соопштено, МВР сака да реагира на позитивните реакции на поединци на Интернет по масакрот од Хамас на 7 октомври или по убиството на полицаец пред неколку недели во Манхајм, што има исламистички мотив.

„Глорифицирањето на терористичките напади создава клима на насилство што може да ги поттикне потенцијалните сторители да извршат нови напади“, се вели во соопштението на германското МВР.

Поради ова, како што се наведува, „безбедносните интереси на Германија преовладуваат над индивидуалните интереси на поединци во однос на нивниот престој во Германија“.

Во иднина, ваквото однесување ќе биде доволна причина за протерување. Досега депортацијата беше можна само за осудените криминалци.