Креативното пишување е секое пишување што оди подалеку од стандардното техничко пишување кое се заснова исклучиво на факти. Тоа е динамична, креативна форма на писмено изразување, која не мора секогаш да се однесува на традиционалните литературни форми, туку и на нови, современи форми на писмена комуникација како што се блогови, односи со јавноста, маркетинг и слични текстови.

За жал, креативното пишување во денешниот живот е речиси целосно запоставено. Купиштата СМС-пораки кои секојдневно ги пишуваме не се „креативно“ пишување, туку пишување заради едноставно пренесување информации. Креативно пишување е на пример пишување писма, во кои не можеме да се потпреме на  емотикони како калапи на нашите расположенија, ставови и чувства, туку мораме да ги артикулираме нашите чувства со свои зборови.

Ова е и причината зошто се чуваат старите писма и разгледници, и зошто и денес често се објавуваат антологии на најголемите љубовни писма и зошто утре никој нема да објави антологија на нашите вибер или фејсбук- пораки, освен можеби како неволни и ефемерни шеги.

Во светот на технологијата, развојот на вештачката интелигенција и културата на кратки содржини, има ли потреба од  читање и пишување кај младите?

Втората работилница за креативно пишување, која деновиве, во организација на Библиотеката „Гоце Делчев“ се одвиваше во Гевгелија, дава позитивен одговор на ова прашање.

– Втората работилница на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија за создавање приказни во менторство на Елизабета Инадеска-Ефремова и Вања Манчева, која се одржа во просториите на СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, имаше за цел да се надоврзе на минатогодишната иницијатива за поддршка на младите книжевни таленти во нашата општина. Цениме дека возраста од 11 до 18 години е период кога веќе почнуваат да се пројавуваат почетните страсти врзани за пишувањето, па и да разискруваат во облик на први книжевни обиди. Интерактивниот и иновативен пристап во ваквите работилници ги бодри учениците да го изнесат својот книжевен израз на хартија, каков тој првично и да е, понатаму насочувајќи го во согласност со одредени книжевни правила и конвенции – истакна директорот на Библиотеката, писателот Стефан Марковски.

Менторката, професорката Елизабета Инадеска-Ефремова, рече дека е задоволна од одѕивот на младите креативци.

– Нивната страст и енергија беа инспиративни, а нивната подготвеност креативно да се изразат преку пишаниот збор, за мене беше навистина охрабрувачка. Има голем потенцијал кај младите, треба само да се поттикне и поддржи. Верувам дека учесниците на работилницата ќе продолжат да ги развиваат своите вештини и еден ден ќе ни подарат извонредни дела со кои ќе ја збогатат македонската литература. Иако технологијата нуди нови форми на комуникација, сметам дека, традиционалните вештини за читање и пишување остануваат основа за ефективно користење на тие технологии, како и за целосен личен и професионален развој – истакна таа.

Професорката Вања Манчева, истакна дека крајната цел на овие работилници е секако да се охрабрат учениците од основно и средно образование во својата креативност за творење. Преку целиот процес разменувавме мислења, информации, идеи, преку различни техники ги совладувавме чекорите на создавање расказ,  но остававме да имаат апсолутна слобода во тоа како тие ќе ги оживеат приказните и ќе им дадат животен тек.

– Беше забавно затоа што секој имаше задача да го прочита напишаното и да се дискутира за тоа. Имавме убава бројка на ученици, основци и средношколци, кои сакаа да присуствуваат и сметаат дека имаат и можат да создадат приказна што би сакале да ја напишат. Неизбежно е да зборуваме за дигитализација, но и таа може да го подобри или олесни целиот процес ако се користи рационално. Вештачката интелигенција е овде и планира да остане, се надевам дека секој ќе може да го најде својот модел за нејзино користење со цел да го унапреди квалитетот на своето живеење. Но и во времето на дигитализација, пишувањето и читањето остануваат  основни вештини за  младите луѓе. Тие секогаш ќе бидат основа за градење на една личност, формирање критичкото размислување, употреба на јазични вештини, развивање на емпатија… Колку повеќе имаш прочитано, толку подобар си во читањето на своите емоции и емоциите кај другите луѓе – рече Манчева.

(Љ.А.)