Екипата на Филаделфија е во огромни проблеми, по 13 одиграни натпревари има само две победи и загрижувачки биланс од 2-11. Особено ако се земе предвид дека Џоел Ембид доби сè што побара, му го доведоа Пол Џорџ, таму е и староседелецот Тајрис Макси, но проблемите очигледно се многу посериозни. Тоа го покажуваат и најновите информации кои се појавија.
Имено, доброинформираниот кошаркарски новинар Шамс Чаранија објави дека нешто „смрди“ во тимот, односно објави детали од состанокот во соблекувалната на Сиксерси каде што Макси жестоко го повикал Ембид. Поради лошите резултати бил одржан тимски состанок на кој настанал целосен хаос.
-Ветеранот Кајл Лаури свика тимски состанок на кој беа вклучени играчи и тренери. Макси го критикуваше Ембид што доцни на сите тимски активности, велејќи дека „доцни за сè“ и дека тоа влијае на соблекувалната и на сите, од играчите до тренерот. Двајца имаат одличен однос и често директно си го кажуваат тоа што не им се допаѓа, се вели во текстот на „ЕСПН“.
Се додава дека „Ембид ги прифатил пораките што ги добил на состанокот, но рекол дека понекогаш е збунет од работите што се обидуваат да ги направат на теренот“.
Инаку, Ембид се врати на теренот откако беше суспендиран поради закани кон новинар.
Резултати: Бостон – Кливленд 120:117, Њујорк – Шарлот 116:115, Мемфис – Денвер 110:122, Далас – Њу Орлеанс 132:91, Сан Антонио – Оклахома 110:104, ЛА Лејкерс – Јута 124:118.