Белата куќа и Кремљ во вторникот вечерта објавија дека двајцата претседатели имале едно иполчасовен телефонски разговор, при што е договорено Русија на 30 дена да прекинат нападите на украинската електроенергетска мрежа. Британскиот јавен сервис Би-би-си во својата вчерашна анализа наведува дека со еден разговор веројатно нема да се постигне мир во Украина, наспроти ветувањата на САД дека мирот е на дофат на рака.
Значи, вака изгледа пауза во нападите врз енергетската инфраструктура! Ова е коментарот на украинската железничка компанија откако Русија ноќта меѓу вторникот и средата изврши напад со дрон врз електроенергетскиот систем што ја напојува железницата, веднаш по објавата дека рускиот претседател Владимир Путин и американскиот Доналд Трамп договориле 30-дневен прекин на руските напади врз украинската енергетска инфраструктура.
– Делови од железничката мрежа останаа без струја, но сообраќајот не беше во застој. Откога службите за итни случаи пристигнаа на местото на нападот, Русија го изведе вториот напад познат како двоен напад, велат од „Укржализиница“ додавајќи дека нема жртви од тој напад во регионот Днепропетровск во централна Украина.
Но, руската војска соопшти дека морала да ги собори сопствените беспилотни летала за да ја исполни наредбата на претседателот веднаш да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, што тој ја издал по телефонскиот разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп во вторникот. Во соопштението се наведува дека Путин веднаш и наложил на војската да се придржува на договореното со Трамп. Руското Министерство за одбрана исто така вчера ја обвини Украина дека ја „поткопува“ привремената пауза на нападите врз енергетската инфраструктура со тоа што во текот на ноќта извршила напад со дрон врз складиште за нафта во јужниот дел на Краснодар, објави „Москов тајмс“.
Во вторникот вечерта и Белата куќа и Кремљ објавија дека двајцата претседатели имале едно и полчасовен телефонски разговор, при што е договорено Русија на 30 дена да ги прекине нападите на украинската електроенергетска мрежа. Британскиот јавен сервис Би-би-си во својата вчерашна анализа наведува дека со еден разговор веројатно нема да се постигне мир во Украина, наспроти ветувањата на САД дека мирот е на дофат на рака. Сепак, Путин одбива да прифати безусловен прекин на огнот и инсистира на исполнување на неговите максималистички услови, се наведува во анализата.
-Доналд Трамп е подготвен да ја наговара Украина да поддржи 30-дневен прекин на огнот низ земјата, но сè уште не е подготвен да и се заканува на Русија кога таа нема да го направи тоа. За човек кого дипломатите го опишуваат како исклучително нетрпелив, Трамп покажува дека е многу трпелив со Путин, наведува британскиот сервис.
Се додава дека САД ќе продолжат со билатералните разговори со Русија и со Украина, додека Европа ќе има споредна улога, подготвувајќи се за моментот кога би можело да дојде до договор за прекин на огнот.
Трамп го оцени разговорот со Путин како „многу добар и продуктивен“, иако не резултираше со целосен 30-дневен прекин на огнот, како што предложија Американците и како што претходно договорија со Украина. Путин се согласи само на привремена пауза во нападите врз енергетската инфраструктура, но вчера веќе се случија напади од двете страни.
-Путин игра игра. Трамп има одговорност пред една од најголемите нации во светот, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус, додавајќи дека е убеден дека ќе дојде моментот кога ќе треба да реагира.