Царинските мерки на американскиот претседател Доналд Трамп ќе влијаат на глобалната економија и ќе предизвикаат големо забавување на економскиот раст оваа година, но без да се претворат во рецесија, изјави денеска директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, пренесува Бета.
И покрај несигурноста предизвикана од трговската политика, „нашите проекции за раст се значително намалени, но тие не упатуваат на рецесија“, рече Георгиева во својот традиционален воведен говор пред пролетните состаноци на ММФ и Светска банка.
Тие состаноци почнуваат следната недела, а потоа овие меѓународни финансиски институции ќе ги претстават своите ажурирани прогнози за светската економија.
Трамп воведе царини од најмалку 10 отсто за сите стоки што влегуваат во САД од 5 април и до 145 отсто за кинески стоки, покрај постојните царини воведени пред неговото враќање во Белата куќа.