Булеварот „Македонија“ и по две години го нема на виделина

117

Втората фаза е на потегот од раскрсницата со булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Павел Шатев“, додека четвртата фаза го опфаќа потегот од раскрсницата со булеварот „Кочо Рацин“ со улицата „Мајка Тереза“ и булеварот „Климент Охридски“.

Според тендерската документација изградбата ќе се реализира врз основа на основниот проект за булевар „Македонија“, на потегот од раскрсницата со улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до раскрсницата со улица „11 Октомври“ и улица „Борис Трајковски“, проектиран од друштвото за инженеринг и консалтинг „Чакар-партнерс“ ДОО од Скопје. Но, во ниту една од јавните набавки не се споменува поврзувањето со подземната улица, која ја изгради „Лимак“ и која на двата излеза треба да заврши со кружни текови, од кои оној кај поранешниот НИП треба да биде „турбо“ кружен тек

 

Град Скопје распишал две јавни набавки за избор на најповолни изведувачи за изградба на втората и на четвртата фаза од булеварот „Македонија“. Втората фаза е на потегот од раскрсницата со булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Павел Шатев“, додека четвртата фаза го опфаќа потегот од раскрсницата со булеварот „Кочо Рацин“ со улицата „Мајка Тереза и булеварот „Климент Охридски“.

Според тендерската документација изградбата ќе се реализира врз база на Основниот проект за булевар „Македонија“, на потегот од раскрсницата со улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до раскрсницата со улица „11 Октомври“ и улица „Борис Трајковски“, проектиран од Друштво за инженеринг и консалтинг „Чакар-партнерс“ ДОО од Скопје.

Избраниот изведувач за втората фаза ќе биде должен да ги изведе работите во рок од 940 календарски дена, сметано од денот на доставувањето на работен писмен налог за воведување во работа на Град Скопје, додека оној што ќе биде избран за изведувач на четвртата фаза од изградбата на булеварот „Македонија“, во рок од 9 месеци, сметано од денот на доставување на писмен налог за воведување во работа од страна на Град Скопје.

Заинтересираните фирми за втората фаза понудите треба да ги достават во Град Скопје најдоцна до 31 јануари, до 10 часот, кога ќе се одржи јавно отворање на понудите, при што, како што е наведено, критериум за доделување на договор ќе биде најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот. Еден од условите за склучување на договор е и потенцијалните фирми и изведувачи да имаат остварено минимален годишен приход од 350 милиони денари во секоја од изминатите три години поединечно, односно во 2021, 2022 и 2023 година, но и да располагаат со потребната механизација и професионален кадар за успешно завршување на работата. Тендерот за изградба четвртата фаза од булеварот, пак, трае до 16 јануари до 10 часот, кога ќе бидат јавно отворени пристигнатите понуди.

Но, во ниту една од јавните набавки не се споменува поврзувањето со подземната улица, која ја градеше „Лимак“ и која на двата излеза треба да заврши со кружни текови, од кои оној кај поранешниот НИП треба да биде „турбо“ кружен тек.

Инаку, почетокот на првата фаза од изградбата на булеварот „Македонија“, кој треба да го растовари сообраќајниот метеж во централното градско подрачје, особено на улиците: „Јордан Мијалков“, „Павел Шатев“, „Свети Кирил и Методиј“, како и на булеварот „Кочо Рацин“, скопската градоначалничка Данела Арсовска, го најави во февруари минатата година.

Тогаш од Градот истакнаа дека се почнува со изградба на сообраќајницата на потегот од Тутунскиот комбинат во Кисела Вода, која завршува во централното градско подрачје, и во првата фаза опфатени се булеварот и три крстосници, првата меѓу булеварот „Крушевска Република“ и улицата „11 Октомври“, втората меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и булеварот „Македонија“ и третата на двата крака на булеварот „Македонија“ кон втората фаза од булеварот, кои се поврзуваат со подземната сообраќајница кај „Лимак“.

Меѓутоа, оттогаш од Градот нема информација што досега е направено, иако и на терен нема што да се види.

Околу поврзувањето со подземната сообраќајница што ја изгради „Лимак“, Арсовска попрецизно објасни на брифингот со новинарите одржан на крајот на јуни 2022 година, на почетокот на својот мандат кога информираше дека Град Скопје треба да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружен тек кај зградата на поранешна „Нова Македонија“ кој треба да биде голем „турбо“ кружен тек на нивоа, на крстосницата на улицата „Железничка“ со улицата „Бихаќка“ и кај подвозникот кај крстосницата на булеварите „Свети Кирил и Методиј“ и „Кочо Рацин“.

Екс-градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во изборната кампања ги промовираше проектите за изградба на трите кружни текови и тогаш најави дека Градот од 2022 година ќе почне со нивна градба и тие ќе чинат 22 милиони евра.

Но, Арсовска на почетокот на својот мандат нагласи дека, џабе што ексградоначалникот Шилегов ѝ оставил проекти кога не ги решил имотно-правните односи.

-Проектите се најмалиот проблем, тие не се од претходниот градоначалник туку нешто што се заговара од 2012 година, меѓутоа, за да се реализира требало да се пристапи кон процес да се среди тоа земјиште кое сега е во надлежност на „Македонски железници“. Ниту од другата страна каде што треба да се градат два кружни текови ништо не е пипнато во однос на имотно-правните односи. Јас не знам како се планирало да се заврши нешто како цел проект до 2023 година. Не знам што треба да се направи, имотно-правните спорови не знам дали ќе успеат да се разрешат до 2023 година – кажа Аросовска.

Кога ќе почне изградбата, Арсовска не кажа, но како што рече тогаш, откако ќе почне да се гради, ќе треба минимум две години за да се заврши, особено кружниот тек кај „Нова Македонија“, кој е проект голем како клучката кај Момин Поток, од аспект на инфраструктура, статика и друго.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ