И оваа грејна сезона нема да потече топлина под мостот „Беласица“ 

17

-Цевководот ќе биде поставен во наредните неколку месеци и ќе биде целосно подготвен за наредната грејна сезона. Дотогаш, испораката на топлинска енергија кон централниот дел од градот и понатаму, како и во изминатата грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод А, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ-ТО. На тој начин, и понатаму целосно ќе се задоволуваат потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури, образложуваат од АД ЕСМ

 

Топлинската енергија за потрошувачите нема да поминува под мостот „Беласица“. Од АД ЕСМ велат дека нема да бидат поставени цевките на топловодот за оваа грејна сезона.

– Цевководот ќе биде поставен во наредните неколку месеци и ќе биде целосно подготвен за наредната грејна сезона. Дотогаш, испораката на топлинска енергија кон централниот дел од градот и понатаму, како и во изминатата грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод А, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ-ТО. На тој начин, и понатаму целосно ќе се задоволуваат потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури – образложуваат од АД ЕСМ.

Притоа, објаснуваат дека вложуваат сериозни напори за претстојната грејна сезона, која започнува на 15 октомври, да обезбедат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа.

– Поради исклучителната неспособност или незаинтересираност на претходните раководства на ЕСМ Дистрибуција на топлина и на АД ЕСМ, новите раководства на двете компании се судрија со огромен предизвик пред почетокот на годинашната грејна сезона, да преземат ургентни мерки за надминување на сите пречки што предизвикаа застој во поставувањето на цевководот – ги објаснија од АД ЕСМ причините за одолжувањето на поставувањето на цевките.

Непречен почеток на новата грејна сезона беше една од темите и на неодамнешната средба помеѓу претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, и генералниот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев. Притоа, во исто време стана збор и за топловодот под мостот „Беласица“. Тогаш беше нагласено дека треба да се стави тој во функција и дека во иднина соодветно ќе бидат обезбедени новиот топловод и просторот за да се намали ризикот од повторување на случајот со опожарување на цевките.

Мостот беше запален во мај минатата година. За пожарот, МВР поднесе кривична пријава против 37- годишен скопјанец, за предизвикување општа опасност, и тој веќе е во затвор за друго дело.

(А.П.)