Ако продолжи растот на цените и нефер трговските практики, од страна на трговците, и Македонците по примерот на Хрватите ќе стапат во бојкот на маркетите. Засега, како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија, за весникот ВЕЧЕР, не се планира ваков радикален чекор и покрај тоа што има реална основа за тоа. Имено, маркетите и покрај мерките на Владата и носењето на Законот за нефер трговски практики не престанаа со поскапувањата. Покажаа непочитување кон Владата и негрижа за стандардот на граѓаните.
-Ако продолжат овие нефер трговски практики и ние ќе примениме ригорозни мерки како Хрватска за да го стопираме растот на цените на храната. Можеби и некои порадикални мерки, а не само еден ден бојкот на маркетите, бидејќи и покрај мерките на Владата, податоците покажуваат дека цените во маркетите се зголемени. Очекувавме со мерките на Владата да трговците да се стават во ред, но наместо да имаме намалување на цените за 10 отсто, ние имаме зголемување. На овој начин маркетите покажуваат дека не им е грижа ниту за стандардот на граѓаните, ниту за мерките на Владата, велат за весникот ВЕЧЕР од ССМ.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека ако не престане ваквото однесување на трговците ќе преземат порадикални мерки. Исто така, планираат јавно да ги објават добивките на маркетите за да се види колку се збогатиле.
-Ваквото однесување на трговците покажува дека немаа милост кон никого. Ја прелажаа и Влада и граѓаните. Апелираме до Владата во иднина кога ќе креира мерки да не прави консултации со трговците и да креира мерки без да ги информира, изјави Трендафилов.
Казните предвидени во Законот за нефер трговски практики изнесуваат до 20 илјади евра, но и покрај високите казни трговците си тераат по свое.
-Казните се минорни во однос на профитите што ги прават. Дваесет илјади евра не е ништо за некој голем маркет кој годишно прави приход од 268,8 милиони евра, велат од Синдикатот за ВЕЧЕР.
Анализите покажаа дека храната во Македонија од 2021 досега поскапела за 46,8 отсто. Ова го потврдуваат и статистичките податоци кои за декември покажаа дека годишната инфлација изнесува 4,4, додека инфлацијата мерена на годишно ниво е 3,5 отсто. Најголемо поскапување на цените во декември лани, во однос на декември 2023, имало кај зеленчукот од 12,7 отсто, кај минералната вода, безалкохолните пијалаци, кај соковите од околу 16 отсто, потоа кај маслото, млекото, сирењето, јајцата. Само кај месото имало едноцифрен пораст од 4 проценти.
Инаку, Комисијата за заштита од конкуренција има веќе оформено 50 предмети за примери за нефер трговски практики.
-Комисијата веќе оформи 50 предмети по дојави за случаи за нефер трговски практики. Комисијата ќе излезе на терен, ќе има многу работа, ќе ги проверува случаите. И секако, ако има потреба, ќе има и казни кои изнесуваат и до 20 илјади евра, изјави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески и додаде дека Законот за нефер трговски практики мора да се спроведува и да се заштитат и производителите и потрошувачите.
Во Хрватска граѓаните преку социјалните мрежи се организираат за бојкот на шопинг на 24 јануари во петок, со барања секој петок да стане ден на бојкот како одговор на високите цени. „Ајде секој петок да го претвориме во постојан ден без купување додека не го слушнат нашиот глас. Почнуваме на 24.1.2025 година“, се вели во барањата за бојкот.
Во Велика Британија истото се случи и со горивото, следниот ден цената падна за 15 фунти по литар, но ги покачија и платите за 100 фунти месечно.
(А.С.)