Има и државни објекти што не ги исполнуваат условите, сопствениците на локалите ќе добијат време колку што им треба за да ги исправат недоследностите, или да можат да направат нешто со што ќе се приспособат можеби не на дискотека, на кабере или на нешто друго. Ова не може да се претвори во „преки суд“ зашто нешто што е повеќе од 30 години погрешно направено, за 9 месеци се обидуваме да го канализираме и да го ставиме во ред. Ова ќе биде обемна операција и ќе трае колку што е потребно, најави премиерот Христијан Мицкоски

 

Продолжуваат засилените контроли на објектите и локалите, меѓу кои има и државни, како што се градинки, пензионерски домови и училишта, кои, како што рече премиерот Мицкоски, не ги исполнуваат потребните услови за работење. Владата им дава време на сопствениците да ги исправат недоследностите во работењето и во тој период нема да работат.

– Овие државни објекти во изминатите три децении не биле реновирани и градени, туку крадени. Затоа им даваме мораториумот за сопствениците на локалите за да ги отстранат недоследностите или да можат да направат нешто со што ќе се приспособат можеби не на дискотека, на кабере или на нешто друго. Ова не може да се претвори во „преки суд“ зашто нешто што е повеќе од 30 години погрешно направено, за 9 месеци се обидуваме да го канализираме и да го ставиме во ред. Ова ќе биде обемна операција и ќе трае колку што е потребно.  Изминативе денови слушнавте колку дозволи се суспендираат и колку лиценци и објекти се затворени. Суштината е сите што доставиле документи, да ги исполнат и условите – истакна премиерот Христијан Мицкоски.

Засилени контроли се вршат и во делот на градежното работење и урбанистичкото планирање. Досега, како што истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, проконтролирани се над 3.100 лиценци и поради неправилно работење во постапка на одземање се 479.

– Оваа листа ќе биде доставена до соодветните институции за понатамошно постапување. Ќе пристапиме кон законски измени со кои овие контроли ќе бидат обврзни на секои шест месеци, а не како досега на доброволна основа и за следните контроли жалбата нема да го одлага извршувањето, односно суспензијата ќе оди веднаш – вели Николоски.

Според него, целта не е компаниите да се казнуваат, туку оние кои доброволно што се согласиле да ги применат условите согласно законот, да продолжат тоа да го прават за целиот период на работење.

– За да не настане забуна, контролите се прават на лиценците во делот на потребниот број на вработени, а во дел на квалитет на изведување и во дел на квалитет на навремено извршување постојат соодветни надзори кои ги контролираат градбите – истакна Николоски и потсети дека Министерството за транспорт и во следниот период ќе продолжи со контролите.

Целокупниот список на одземените лиценци ќе биде доставен до Министерството за внатрешни работи, до Јавното обвинителство, до ЗЕЛС и останати засегнати институции со цел за понатамошни постапки.

Царината врати 69 камиони поради несоодветен сертификат за возач – почнати се три постапки

Во една недела Царинската управа извршила 8.181 контрола на лиценци за вршење јавен превоз, сертификати на возачи, како и дозволи за превоз кои треба да ги поседуваат товарните моторни возила и автобусите во меѓународниот патен сообраќај. Во четири случаи се утврдени неправилности во делот на лиценците, од коишто за три се водат преткривични постапки од страна на Секторот за контрола и истраги, а во 69 случаи камионите се вратени назад поради утврдени неправилности во делот на сертификатите за професионална компетентност на возач.

Неправилностите во делот на лиценците за вршење јавен превоз во меѓународен патен сообраќај, се откриени при контроли во царинска испостава „Блаце“, Богородица и Ново Село.

– Во три од случаите, кои се откриени во Ново Село и Богородица, во моментов се води преткривична постапка од страна на Секторот за контрола и истраги, а поради постоење основано сомневање дека е сторено кривично дело фалсификување на исправа или вршење јавен превоз без поседување лиценца казниво според Кривичниот законик. Во случајот откриен на царинска испостава Блаце на излез од државата правното и физичкото лице се казнети од страна на државниот инспекторат за транспорт заради прекршување на Законот за превоз во патниот сообраќај, а возилото е отстрането од сообраќај со земање на дозволата. Изминатиот месец Секторот за контрола и истраги поднесе три кривични пријави до Основно јавно обвинителство Гевгелија заради фалсификување лиценци за вршење превоз на стока во меѓународен патен сообраќај – информираа од Царинската управа.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ