Иако на списокот на фирми на коишто ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски има 479 фирми, всушност лиценци ќе им се одземат на 426 фирми, бидејќи на списокот има некои фирми што се повторуваат, а други на коишто им се одземаат по неколку лиценци, објави Центарот за граѓански комуникации.

Поконкретно, по една лиценца ќе им се одземе на 92% од фирмите, односно на 390 фирми. По две лиценци ќе им се одземат на 6% од фирмите, односно на 28 фирми, а по три лиценци ќе им се одземат на 2% од фирмите, односно на 7 фирми. Само на една фирма ќе и се одземат 4 лиценци.

– Истражувањето за фирмите на коишто ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски, покажува дека на фирмите ќе им се одземаат 11 различни видови лиценци. Вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца. Одземените лиценци не се релевантни за фирмите да учествуваат на тендери. За најголем дел од 426. фирми, лиценците што ќе им се одземат не се услов за фирмите да работат и да добиваат државни тендери. Во моментов, само 11 % од фирмите што се на листата за одземање лиценци имаат актуелни договори за јавни набавки, а само за 5 % од фирмите – лиценцата што треба да им се одземе е релевантна за договорот – се наведува во истражувањето.

Од 426 фирми, само 101 имале добиено тендер во последните три години, во вкупна вредност од 77 милиони евра. Во моментов, актуелни тендери имаат 49 фирми, во вкупна вредност од 26 милиони евра.

– Само 23 фирми кои имаат важечки договор за јавна набавка всушност ќе ја загубат лиценцата којашто била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра – велат од ЦГК.

Според податоците од Централниот регистар, активни се 72 % од фирмите чиишто лиценци ќе се одземат. Останатите 28 % од фирмите се со блокирана сметка или се правно или деловно неактивни.

– Само 8% од фирмите имаат приходи над 1 милион евра. Од 426 фирми на списокот за одземање лиценци, приход во последната година за којашто има објавено податоци, односно 2023 година, оствариле 85% од фирмите, односно 363 фирми. Нивниот годишен приход во 2023 година изнесувал 128 милиони евра. Сепак, најголем дел од овие фирми остваруваат ниски годишни приходи. Триесет и еден процент од фирмите имаат годишен приход помал од 15 илјади евра, додека приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 фирми, односно 8 % – се наведува во извештајот.

Во однос на вработените, во сите 426 фирми чии лиценци ќе бидат одземени работат 2188 луѓе. Четири проценти од овие фирми немаат вработен, а три проценти имаат само еден вработен. Со повеќе од 10 вработени се само 3% од фирмите.

ИЗДВОЕНИ