Апелациониот суд Скопје ја потврдил пресудата на Основниот Граѓански суд кој во марет 2022 година пресудил дека СДСМ го оклеветил Христијан Мицкоски преку социјална мрежа Фејсбук. Судската одлука донесена на 14 ноември минатата година денеска на својот профил на Фејсбук ја објави премиерот Мицкоски.
Од објавената пресуда се гледа дека жалбата на СДСМ на првостепената пресуда се одбива како „неоснована“.
-Немало суштински повреди во парничната постапка, а првостепената пресуда е јасна и разбирлива. Неоснован бил и жалбениот навод за погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба. Правилно е применето материјалното право, стои во образложението на одлуката на апелациските судии како одговор на жалбата на правниот застапник на СДСМ.
Основниот граѓански суд Скопје пресуди во корист на Мицкоски во случајот со СДСМ, поради објави на социјалдемократите на својата официјалната станица на Фејсбук, во кои во една го нарекуваат „пион на Мицкоски“. Според судот, објава во која од СДСМ напишале „Антизападниот пион Христијан Мицкоски е продолжена рака на криминалецот Никола Груевски“, согласно членот 6 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, претставува навреда. Мицкоски во случајот барал симболичен надомест од едно евро.
Исто така, како клевета за судот се и објави во кои пишувало „Мицкоски е пион кој се збогатил благодарение на неговиот шеф и ментор“, како и „Во 2015 година, Груевски му доделил на Мицкоски неговата фирма ’Енерготек’ ДОО 33.000 квадрати метри државно земјиште за изградба на хидроцентрали“. Во истата пишувало и дека „Фирмата е 99% сопственост на Мицкоски, а не 7%, како што ја лаже јавноста“. Уште една клевета, според Граѓанскиот суд, било пишувањето „Мицкоски му е вечен должник на Груевски. Тој мора да го штити и прави онака како што сака Груевски. Политиките на Мицкоски се политики на Никола Груевски“. Со пресудата, судот му налага на СДСМ неа да ја објави во весник во рок од 15 дена од приемот, како и да му ги плати судските трошоци на Мицкоски во износ од 12 098 денари (200 евра) во рок од 15 дена од правосилност на пресудата.
Мицкоски во денешната објава наведе дека и Апелација докажа дека СДСМ е лажно клеветничка партија.
-По којзнае кој пат, откако сум Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, но овој пат по судски пат, се докажа дека сум предмет на континуиран измислен и клеветнички напад, јас и моето семејство од страна на политичките противници. Не очекувам да престане оваа методологија, но секогаш кога политичка партија ќе изнесе лажно тврдење, конструирано со невистини и клевети, а не во прашална форма како што често го прават на кукавички начин, ќе ја барам правдата по легален, судски пат. Пресудата е јасна, клеветничката СДСМ треба на свој трошок да ја објави пресудата и да се извини за лагите кои се изнесени. Ова е уште една потврда дека неколкупати по ред, без исклучок ги губат судските случаи, затоа што клеветат, дури и ваквото судство не може да ги “испере”, наведе во објавата Мицкоски. (Б.Ѓ.)