„Хуманитарни акции во Македонија“, поради зголемен интерес, сака да почнат со реализација на проектот „Матурски донации“ од Скопје, каде што во некое од средните училишта би подготвиле мала канцеларија каде што би била изложена облеката што ќе биде донирана за матурските вечери и каде што учениците ќе можат да си го изберат она што ќе им се допадне.
– Проектот има цел да ги направи сите деца среќни (приоритет имаат социјално ранливите категории), да создаде нови генерации емпатични, хумани активисти, да ја развиеме свеста и да им подадеме рака на сите родители, самохрани родители и на дечиња без родители, да се отвори мала канцеларија, во периодот март – мај, во самото средно училиште, каде што ќе ги донесеме донациите и ваучерите и во секоја општина да има најмалку еден пункт – објаснуваат од „Хуманитарни акции во Македонија“.
Оттаму додаваат дека очекуваат согласност од Град Скопје за да можат да работат со средните училишта. Во план е да бидат опфатени скопските општини Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош и Аеродром, како и Град Скопје, но и Битола, Куманово и Штип.