Хуманитарна промоција на стихозбирката „Чувар на светлината“ од Билјана Велковска

8
Во сабота (14.12.2024), во 19.00 часот, во Броз кафе ќе се одржи промоција на втората стихозбирка „Чувар на светлината“ Песни за радост и тага (без каење, таков е животот, драга) од Билјана Велковска.
Промоцијата на книгата кој е дел од хуманитарна акција им остава простор на хуманите души наместо да купуваат книга, да понесат со себе само добра волја и новогодишно пакетче за дете од семејство во социјален ризик, а стихозбирката „Чувар на светлината“ ќе ја добијат на подарок или, може да изберат примерок од првата стихозбирка на Велковска, „(Р)еволуција на жената“.
Промотор на книгата е Татјана Димовска Атанасова.
Оние кои сакаат да присуствуваат на промоцијата во сабота, но од различни причини ќе бидат спречени, ќе можат да поминат во Броз кафе во кое било време викендот (14-ти- 15-ти) за да донираат пакетче и да си добијат книга.
И првата стихозбирка на Велковска, објавена во јуни годинава, „Ако се осмелиш…(Р)еволуција на жената” имаше хуманитарен карактер, односно  50% од средствата од продажбата беа донација во хуманитарни цели на Здружение на граѓани за помош на бездомници и социјално загрозени лица „Љубезност“.
Билјана Велковска е филолог по компаративна книжевност, магистер по психологија и инструктор за терапевтско пишување, авторка на две книги од областа на психологијата -„Психосоматика – емоции што разболуваат и лекуваат“ (2019) и „Умешност на лутината – мал водич за голема лична моќ“ (2022), двете, изданија на „Арс Ламина“.