Во пресрет на големиот христијански празник – Велигден, Општина Илинден и оваа година ја организира големата хуманитарна акција – „Подај рака – хумана општина Илинден”, за донација на храна и хигиенски средства.
-Целта на оваа голема хуманитарна акција е да им се помогне на ранливите категории на граѓани од општина Илинден, велигденските празници да ги прослават достојно како и останатите граѓани. Христовото воскресение е празнување на вечниот живот и вечната радост, па за овој празник да внесеме надеж во домовите на луѓето на кои единствено надежта и вербата им останале – соопштија од локалната самоуправа.
Општина Илинден ги поканува сите општествено одговорни компании да земат учество во хуманитарната акција, со цел како што велат „сите заедно да придонесеме за подигнување на свеста за потребната меѓусебна поддршка и помош на ранливите групи“.
Сите заинтересирани општествено одговорни компании, кои сакаат да се приклучат во акцијата, можат да се обратат директно во Општина Илинден или на телефонските броеви: 02/2571-703 или 02/2571-704.