Околу две илјади бездомни кучиња од девет општини во Вардарскиот Регион ќе бидат хумано третирани во наредниот период, во новоизградениот регионален центар во Кавадарци, за кој се очекува да почне со работа при крајот на овој месец.
Од новоформираното јавно претпријатие – Регионален центар за згрижување бездомни миленици и ветеринарно здравство – Стационар „Шепа“ – Кавадарци за МИА велат дека се очекува на тој начин да се реши долгогодишниот проблем со бездомните кучиња, со кој се соочува регионот. Само во Кавадарци, бројот на бездомни кучиња е над 500, а само околу 13 проценти од нив засега се соодветно и стручно хумано третирани.
Од Центарот истакнуваат дека тоа е голема популација, која најчесто потекнува од неодговорното сопствеништво. Со најавените активности, бездомните кучиња хумано ќе се третираат, а се очекува да се спречат и каснувањата на луѓе и пренесувањето заразни болести.
Од Центарот истакнуваат дека програмата се базира на методата заловување, стерилизирање, вакцинирање и вдомување или враќање, која е востановена како единствена ефикасна стратегија и од Светската здравствена организација.
– Поради порастот на популацијата, за најбрз гарантиран ефект, ќе се направи план за масовен хуман третман на бездомните кучиња во рамките на Општината, во период од шест до 12 месеци. Се предвидува дека со 75 проценти стерилизирани или кастрирани единки, процентот на напредок на популацијата станува нула проценти, по што бројот на бездомни кучиња природно почнува да опаѓа – велат од Центарот.
Оттаму појаснуваат дека престојот на кучињата во прифатилиштето нема да биде подолг од 30 дена.
Финансирањето е од општините Кавадарци, Неготино, Велес, Свети Николе, Чашка, Демир Капија, Градско, Лозово и Росоман, како и од донации.
Деветте општини во Вардарскиот Плански Регион усвоија модел за управување и организациска поставеност на прифатилиштето на регионално ниво, преку кој секоја општина обезбеди дополнителни средства за оперативни трошоци за работење на Центарот.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, во март, при посетата на тогашниот министер за локална самоуправа, Ристо Пенов, рече дека капацитетот на објектот е околу 60 кучиња и дека има услови за згрижување според сите стандарди.
– Секое куче бездомник ќе биде згрижено, чипирано, кастрирано и социјализирано – изјави тогаш Јанчев.
Локацијата на објектот наменет за деветте општини е во населбата Глишиќ. Објектот се протега на површина од 5.470 квадратни метри.