Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ вчера вечерта бил лекуван во загрепската клиничка болница поради повремено бенигно нарушување на срцевиот ритам. Постапката била претходно планирана и течела без проблеми, соопшти во саботата хрватската Влада, пренесува Индекс.хр.
„Би сакале да ве информираме дека премиерот вчера вечерта беше лекуван на Клиниката за кардиоваскуларни болести во Универзитетскиот болнички центар за кардиологија во Загреб поради повремено бенигно нарушување на срцевиот ритам. Процедурата беше претходно планирана и тече без проблеми“, изјави владиниот портпарол Марко Милиќ во изјава дадена за Хина.
Агенцијата „Хина“ неофицијално дознава дека е планирана 24-часовна хоспитализација и дека премиерот Пленковиќ денеска треба да биде пуштен дома.
Премиерот се разбудил набргу по процедурата и се чувствува добро, пишува „Национал“. Ова е рутинска процедура што Пленковиќ ја направи за лекување на срцева аритмија. Операцијата почна синоќа околу 19 часот, а околу 21 часот и 30 минути почна да се буди премиерот Андреј Пленковиќ.
Нарушувањата на срцевиот ритам, познати како срцева аритмија (или дисритмија), се абнормални отчукувања на срцето кои се манифестираат како брзо, бавно или неправилно чукање на срцето. Пред да биде хоспитализиран во Ребро, премиерот вчера учествуваше на церемонијата по повод завршувањето на работите на гасоводот Злобин-Босиљево.