Хрватска кубури со воспитувачи: Никој не се јавува на конкурси за претшколски установи

54

Во хрватскиот систем за претшколско образование недостигаат воспитувачи и стручен кадар, а претседателката на хрватскиот Синдикат на работници во претшколските установи истакнува дека на многуте огласи никој не се јавува и дека сè поголем број на недоволно квалификувани лица преземаат работа со деца.

Претседателката на синдикатот на работници во хрватските претшколски установи, Искра Вострел-Прпиќ, истакнува дека продолжувањето на траењето на студиите е една од клучните причини за недостиг на воспитувачи, пренесува Хина.

„Пред неколку години факултетите од тригодишни, преминаа на петгодишни студиски програми, што го забави излегувањето нови стручњаци на пазарот на трудот. Иако е можно вработување веќе по три години, многу студенти сепак избираат да ја завршат целата петгодишна наставна програма“, вели Вострел Прпиќ.

Според некои проценки во Хрватска недостигаат повеќе од 5.000 воспитувачи, но претседателката на синдикатите предупредува дека недостигот на стручен кадар би можел да биде поголем со оглед на бројот на градинки изградени во последните две-три години, пренесува Танјуг.

„Еден број воспитувачи ја напуштаат струката поради нестабилноста на системот и незадоволството од ситуацијата во таа област, но има и такви кои едноставно не сфаќаат дека не се снаоѓаат во работата со деца“, изјави Вострел Прпиќ.

ИЗДВОЕНИ