Хрватска го враќа воениот рок: „Кој не може да носи пушка, нека носи гребло и мотика“

390

Хрватска го враќа задолжителниот воен рок, 16 години по нејзиното укинување. Воениот рок за сите млади мажи над 18 години треба да стапи на сила од првиот ден од следната година. Министерот за одбрана на Хрватска вели дека се е подготвено за воведување воен рок и дека останува само да се чека политичката процедура.

„Задолжителниот воен рок се планира да се спроведува меѓу два и три месеци. Она што е важно да се нагласи е дека ги покачивме надоместоците, тие сега се 900 евра месечно, и тој додаток веројатно ќе остане ист“, изјави хрватскиот вицепремиер и министер за одбрана Иван Анушиќ.

Идејата е да се задржат што е можно повеќе млади луѓе во одбранбениот систем, а според проценките, околу 15.000 од нив треба да се обучуваат годишно, објави ХРТ.

„Безбедносните предизвици се такви што пред сите нас ја поставуваат обврската да размислиме, не само Хрватска, туку и многу земји во светот и Европа, како да го активираме тој модел“, изјави вицепремиерот и министер за хрватски ветерани Томо Медвед.

Во Хрватска во 2008 година беше укинат задолжителниот воен рок, а наместо задолжително беше воведен доброволниот воен рок.

„Таа одлука беше правилна во тој период, а новите околности и нов период бараат нови одлуки. Затоа, повеќе за деталите кога ќе ги дознаеме деталите“, изјави претседателот на Комисијата за одбрана, Арсен Баук (СДП).

Тогаш, пред 16 години, речиси 90 отсто од младите се повикаа на приговор на совест. За оние кои одбиваат да ја стават пушката на рамо, сега – има друг план.

„Ќе носат гребла и мотики, на пример, вреќи кога се поставуваат насипи против евентуални поплави, ќе носат некои други работи. Нема да мора да носат оружје, туку ќе треба да ја исполнат својата должност и обврска кон државата“, вели хрватскиот министер за одбрана.

Тој дел од обуката ќе биде задача на системот за цивилна заштита. Регрутите, велат, ќе учат животни вештини.

Хрватскиот Генералштаб ја нагласува важноста од обука на младите за самоодбрана.