Хрватскиот Сабор денеска го донесе Законот за вонредни мерки за контрола на цените, кој со објавување на цените на интернет треба да го заштити стандардот на граѓаните од инфлација и да обезбеди брза реакција на нарушувањата на пазарот.
Согласно овој закон, трговците ќе имаат обврска редовно да ги објавуваат и ажурираат цените на сите нивни производи на интернет страниците и на клиентите да им овозможат непречен пристап до дигитални алатки кои нудат можност за споредување на цените во реално време.
Секој продавач ќе мора, заедно со моменталната малопродажна цена, јасно да ја наведе претходната малопродажна цена на производот од одреден период или одреден ден. Ова ќе овозможи полесно следење на промените на цените и транспарентно информирање на потрошувачите.
Законот, кој стапува на сила првиот ден по објавувањето во Службен весник, пропишува и ограничувања на цените за клучните производи и услуги, како и јасно означување на производите со ограничени цени.
Тоа значи дека трговецот мора да истакне визуелни знаци на производите чија цена е регулирана, а во продавниците со повеќе од 400 квадратни метри да обезбеди посебни продажни места за тие производи.
За непочитување на законот, на трговците им се закануваат казни од 3.000 до 30.000 евра, а законот предвидува и конфискација на имотната корист остварена со прекршокот, јавува ХРТ.